Муцунски: Датум за преговори со ЕУ сè уште нема, СДСМ создава еуфорија од минимален чекор

Секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, денеска го поздрави чинот на упатување на Предлог/преговарачката рамка од Европската комисија до Европскиот Совет, но исто така рече и дека ова не значи оти земјата има добиено датум за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.

„Тоа што денес СДСМ го престави како вонреден успех е сепак само ПРЕДЛОГ текст за преговарачка рамка, текст кој ќе биде доставен до сите земји членки на Европската Унија и за кој тие треба да се произнесат, да дадат забелешки и на крајот со консензус да го одобрат“, објасни претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Нагласи дека за финално одобрување ќе биде потребен консензус, односно потврда од сите земји членки, вклучувајќи ги и нашите соседи.

„Лажна вест е фактот дека македонскиот јазик станал официјален јазик на Европската Унија. Тоа ќе се случи токму во моментот кога нашата земја ќе стане полноправна земја членка на ЕУ“, кажа Муцунски кој алудираше дека со оглед на ставовите на соседите овој предлог текст за преговарачката рамка не е воопшто причина за голема прослава.

Тој оцени дека обидите на СДСМ да се создава еуфорија од секој минимален чекор веќе станале фолклор.

„Повеќе од очигледна е потребата на СДСМ како и пред сите избори да создава лажна еуфорија“, кажа секретарот за меѓународна политика на ВМРО-ДПМНЕ.

InterServer Web Hosting and VPS