Слаба економија – низок стандард

Петранка Огнаноска

Уште еден сигнал за лошата економска состојба и слабата куповна моќ на граѓаните пристигна претходната недела од европската статистичка институција, која посочи дека нашите граѓани се на дното според нивната индивидуална потрошувачка. Македонија е трета на лисата, ако истата таа ја гледаме од дното нагоре. Мерено во согласност со потрошувачката на граѓаните и домашниот бруто-производ по жител, зад нас се само жителите на Босна и Херцеговина и на Албанија. Ова не е прво само надворешно укажување дека стандардот во Македонија е значително низок. Напротив. И податоците од домашниот статистички сервис веќе со години укажуваат на слабата куповна моќ на граѓаните, што, секако, се должи на ниските приходи што ги имаат, поради што не можат да си дозволат купување дури и на основните работи.

Коефициентот Џини укажува и на големата разлика меѓу сиромашните и богатите граѓани, а за слабиот стандард дополнително говори и фактот дека најголем дел од средствата граѓаните трошат за основните потреби, поточно за храна и пијалаци и за режиски трошоци. Податоците говорат дека само една третина од жителите во земјава може да си дозволат да одвојат средства од месечниот буџет за годишен одмор.

Поради ниската куповна моќ и поради слабата економска развиеност ни се случува и масовното иселување од земјата, токму поради желбата за подобар живот и поради решавање на прашањето за животна егзистенција. Голем број граѓани спасот од немаштијата го бараат со работа во некои од високоразвиените европски земји или, пак, подалеку, а други трајно се иселуваат.

Ваквата состојба долги години е карактеристична за нашата земја, поточно од нејзиното осамостојување, и иако навидум изгледа дека состојбите се подобруваат, сепак, македонскиот стандард значително заостанува зад европскиот, кој дури изгледа и недостижен.
Растот на македонската економија низ годините е различен, но просечно тој е околу три отсто, што е далеку од доволно за да се достигне стандардот на европските земји, а уште повеќе заостануваме и ќе заостануваме поради фактот што европските земји растат со многу поголеми годишни стапки отколку нашата економија, а и така се далеку пред нас со економскиот развој.
Укажувањата на домашните економски експерти за подобрување на економските параметри во земјава се пред сѐ во насока на подобрување на извозните можности на македонските компании, зголемување на вредноста на производите што ги извезуваме, но и зголемување на нивниот број, односно зголемување на палетата на продукти. На тој начин ќе се зголемат приливите во земјава, приливите во компаниите, а со тоа и платите на работниците.

Секако, неизбежен елемент за раст на платите е раст на продуктивноста на работниците, или раст на работните активности. Само ако сите заедно придонесуваме и целиме кон поголема реализација на работните места, даваме поголем придонес во компаниите, може да очекуваме раст на приливите, а оттука и на нашите плати. Во истата насока би дејствувало и подобрувањето на технолошката опременост на компаниите, бидејќи искуството покажало дека со примена на посовремена технологија во секоја област или во секоја дејност каде што е можно ќе се постигне и поголема продуктивност.
Само со раст на производството во сите сектори, поточно раст на производството и на стопанството, почнувајќи од земјоделството, преку индустријата, па до раст кај трговијата и на инфраструктурните зафати може да очекуваме подобри економски перформанси и подобар животен стандард.

Иако нема едноставен рецепт за подобрување на економските состојби во земјава или, пак, во која било друга земја, сепак, во севкупната состојба значаен придонес имаат политиките и одлуките што ги носат креаторите или владејачките институции. Паралелно со растот на продуктивноста на работниците, неопходен е и раст на продуктивноста и на ефикасноста на вработените во јавната администрација, од чија делотворност зависи реализацијата на многубројни приватни проекти. Само со заедничко дејствување и со поголема посветеност кон работните задачи, како и со посветеност на владините тела, има надеж да се постигне подобра реализација на сопствените обврски. Било да е тоа преку реализација на капиталните проекти, овозможување подобри здравствени услуги, подобрување на образовниот процес, една од клучните алатки за поголемо вклучување на младите во производствените процеси.

Синџирот на поврзаност помеѓу проектите и визијата на владините тела и остварувањата на приватниот сектор е голем, од сите зависи понатамошниот напредок. Иако Македонија, како и светот, се наоѓа пред една од најголемите економски кризи наметнати од пандемијата на ковид-19, токму овие моменти се значајни за натамошниот излез од кризата и за напредокот на земјата.

InterServer Web Hosting and VPS