Mакедонските граѓани трошат над 10 милијарди денари на домашни производи за една година

Македонските граѓани трошат повеќе пари на странски производи, отколку на домашни. Од јули минатата година, до средината на овој месец, на домашни производи потрошиле 10,8 милијарди денари, а на производи од увоз 19,7 милијарди денари.

Ова е регистриран промет преку апликацијата Мој ДДВ, односно на скенираните сметки од граѓаните во периодот од јули минатата година до средина на овој месец.

Според податоците од Управата за јавни приходи во јули, август, септември и октомври прометот од домашни производи се движел околу 700 милиони, а од декември минатата година до април годинава се потрошиле над една милијарда денари.
За странски производи во тој период најмногу трошеле во јули, октомври, февруари и март, како и јуни. Во одредени месеци за купување производи од увоз трошеле и над шест милијарди денари.

Преку мерката МојДДВ, која стартуваше во јули минатата година до март годинава на граѓаните им е извршен поврат на ДДВ од 10,7 милиони евра. Граѓаните добиваа 15 отсто од пресметаниот ДДВ на производите што ги купиле, а од неодамна Владата направи промени за поврат на ДДВ кај македонските производи од 20 отсто и на производите од увоз поврат од 10 отсто.

Целта, е да се поттикне купувањето домашни производи, а за да се стимулира потрошувачката, а со тоа да се помогне домашната економија и да се заштитат работните места, се воведе и Домашната платежна картичка.
Картичката ќе ја добијат 320 илјади граѓани, а мерката е во вредност од 28 милиони евра. Банките интензивно работат на издавање, а досега над 50 илјади граѓани веќе ја добија и ја користат за купување домашни производи.

Картичката ја издаваат девет банки, најголемиот дел 280 илјади ќе издадат НЛБ Банка, Комерцијална и Стопанска банка. НЛБ Банка ќе ги доставува до домашна адреса, а другите ќе ги информираат корисниците кога и во која експозитура ќе може да ги подигнат. Дел, исто така, ќе доставуваат до домашна адреса.
И од Владата и од банките апелираат граѓаните да се информираат за платежната картичка преку веб страниците на банките и нивните кол центри, за да не се прави гужва во банките и да се предизвика ризик од ширење на вирусот.

Мерката Домашна платежна картичка е дел од третиот пакет мерки на Владата, а целта е да влијае на амортизирање на ударот врз економијата, односно подобро справување со ударот врз економијата како резултат на забавување на економската активност.
-Сега кога сме во фаза на реотворање на сите капацитети кои беа затворени потребно е да ја зајакнеме домашната потрошувачка. Покрај што ќе се стимулира приватната потрошувачка ќе се даде и се дава финансиска поддршка на граѓаните со цел истите во краток временски период да ги потрошат овие средства кај погодените сектори, изјави министерката за финансии Нина Агеловска.

Граѓаните ќе ги користат картичките за купување домашни производи и услуги. Може да се користат во хотели, одморалишта, туристички агенции, угостителски објекти, ресторани, супермаркети, продавници за храна, пилјари, пекари, мебел, производи за домаќинство, книжарници, спортска опрема, облека, аптеки, салони за убавина, фризерски салони…

Во продажните објекти ќе бидат поставени на посебно место или ќе бидат означени, а како македонски производи се сметаат оние во кои на декларацијата е наведено дека производот е произведен во Република Северна Македонија. За прометот на македонски производи и услуги, правните и физички лица издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.

Картичките може да се користат и за оn-line продажба преку интернет страници каде исто така треба трговците посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер „КУПУВАМ ДОМАШНО”, како и да постават известување на видно место на насловната страна на интернет страницата.
Домашната платежна картичка сите граѓани кои ги исполнуваат критериумите треба да ја добијат најдоцна до 18 јули, а средствата треба да се искористат најдоцна до 15 август.

InterServer Web Hosting and VPS