Mercedes ќе користи автопилотски систем од Nvidia

Мercedes договара соработка со водечкиот производител на графички картички Nvidia, за развој на компјутерски систем во автомобилите и инфраструктура за вештачка интелигенција. Намерата е новата технологија да почне да се вградува во сите моделски серии на Mercedes по 2024 година, со цел возилата да се опремат со функции за автопилотирано возење, кои ќе може да се надградуваат.

Новата софтверска архитектура се базира врз Nvidia Drive и ќе биде стандард за сите идни возила на Mercedes, за во нив да се овозможат модерни функции на автопилотирано возење. Една од главните цели е автопилотирано возење по рути што се возат често. Дополнително ќе се развијат и дополнителни апликации за безбедност и комфор. Уште една новина е тоа што сопствениците на Mercedes ќе можат преку мрежата во секое време да го преземат актуелниот софтвер и да се претплатат на одредени услуги, со цел истите да ги користат во својот автомобил во целиот негов животен век.

Секој иден Mercedes-Benz со системот Nvidia Drive ќе поседува мноштво на алатки и софтвер со вештачка интелигенција, кои постојано ќе го надградуваат и усовршуваат автомобилот. Преку соработката со Nvidia се забрзува развојот и воведувањето на новите услуги во возилата на Mercedes.

Нова компјутерска архитектура
Автопилотираното возење во идните модели на Mercedes-Benz ќе функционира врз платформата Nvidia Drive од следната генерација. System-on-Chip (SoC), наречен Orin, се базира врз неодамна најавената суперкомпјутерска архитектура Ampere на Nvidia. Платформата опфаќа системски софтвер, кој посебно е развиен за автоматско управување при примена на вештачка интелигенција. Nvidia и Mercedes-Benz планираат да развиваат автопилотирани функции на SAE Level 2 и 3, како и автоматско паркирање (до Level 4).

InterServer Web Hosting and VPS