Имаме ли избор на 15-ти јули од „ богатата“ палета на политички понуди?!

На прагот сме на уште едни, по кој знае кој пат предвремени парламентарни избори во Македонија. Овој пат, во малку видоизменета политичка атмосфера поради светската пандемија со Корона вирусот, кој не ја одмина, се разбира и нашата земја. Што е поразлично на овие избори, од претходните и како може да го проектираме или скицираме постизборниот резултат, односно какви ќе бидат понатаму политичките разврски во Македонија. Прво, кој и да победи, ќе се соочи со ужасно тежок мандат на управување, бидејќи целиот свој мандат ќе го потроши на справување со последиците на оваа здравствено-економска криза, со акцент дека економско-стопанските последици ќе бидат уште потрагични по нашето население. Ако ја погледнеме листата со кандидати на политички партии и коалиции, за кои можеме да го дадеме својот глас, ќе видиме неколку новоформирани „ мали “ партии, на кои ова ќе им биде прво парламентарно учество. Што е заедничкиот именител за сите нив, а која се разликува значајно?!

Ништо ново, од како печурки после дожд, никнатите мини политички партии!

Настапот на предводниците на партиите „ Глас за Македонија“, „ Интегра“, Единствена Македонија“, па дури и „ Левица“, укажува дека овие партии ќе се борат за придобивање на гласовите од најтврдото десничарско и националистичко гласачко тело, вклучително и фронтментот на Левица , кој иако номинално се декларира за краен левичар, по промовираните ставови во јавноста, можеме да заклучиме дека повеќе е национал-социјалист, отколку левичар интернационалист. Што значи, овие политички питунии, наликуваат една на друга и по изглед и по мирис, а само се разликуваат во боите и тоа во нијанси. Единствено и само, нивните преголеми суети, ега, и нивната самобендисана надменост, не ги стави сите заедно на една предизборна листа, бидејќи доколку сакаат да се факторизираат на политичката сцена со освоени пратенички мандати, во овој постоен изборен модел со шест изборни единици, најпаметно ќе им беше да извадат еден заеднички бајрак, и под истиот да се борат на парламентарниве избори. Вака, нивните гласови, кои ќе бидат по неколку илјади, ќе се разлеат низ изборните единици, и многу нормално ниту една од нив нема да ги преточи своите гласови во пратенички мандат. Имаат иста тврдокорна националистичка реторика, повеќето од нив се анти НАТО, некои од нив и анти ЕУ настроени, и овие партии можат да направат само штета на изборниот резултат на опозицијата, бидејќи ќе откинат крајни националистички десничарски гласови, кои доколку не би се натпреварувале овие партии, најверојатно истите би завршиле на контото на ВМРО-ДПМНЕ, или пак би биле апстинирачки.

Нешто ново, нешто поразлично!

Наспроти оваа „ богата“ понуда, од тазе новоформираните политички партии, во идеолошката потковица центар-десно се издвојува Граѓанско- Демократската унија, која многу мудро, полека, без никаква помпа се наметнуваше на политичката сцена како алтернатива на постојниот политички модел, и внесе свежина во политичката понуда до граѓаните со право на глас. Имено, нејзиниот лидер Петар Колев, прв излезе со предлог, бројот на пратениците во македонското собрание да биде намален, бидејќи голем дел од пратениците се претворени во гласачка машина, седат, гласаат под партиски диктат, и земаат голема плата во наредните четири година. Одозгора на сето тоа кога ќе се додадат астрономските патни трошоци ( за кои Колев исто така предложува да се укинат), се гледа дека реформите на македонскиот општествено-институционален систем мора да почнат од горе, бидејќи нели „ рибата смрди од главата“. ГДУ, досега учествуваше и на локалните избори за градоначалник во Охрид, каде што нејзиниот кандидат оствари сосема солиден резултат, освојувајќи околу 5-6 % од излезените гласачи, што значи оваа партија веќе „ ги меша картите на македонската политичка маса“. Партијата својот бастион го гради на Истокот, но исто така свои структури има насекаде низ Републиката. Можеби, тоа што ја прави различна од сите мали десничарски партии, е што е мултиетничка и демократско- граѓанска партија, бидејќи во своите раководни тела има вклучено припадници од повеќето етнички и религиски заедници во Македонија. Нејзиониот модел на „ граѓанско-демократска унија“ потсетува на идеолошката матрица на владејачката германска ЦДУ, односно на партијата на Ангела Меркел. Модерен и прогресивен конзервативизам, со традиционални вредности е политичката понуда на оваа партија, која веќе се наметна како сериозен политички проект на македонската политичка сцена.

Ништо ново, ништо поразлично!

Кога станува збор за „ мастадонтите“ на македонското политичко небо, што може да се каже во пресрет на овие избори? Ништо особено, бидејќи старата матрица, и расипана плоча и понатаму истите работи ги вергла. Меѓусебно обвинување за состојбата во државата во изминатите триесет години на повеќепартиска демократија, кој е поголем криминалец, кој повеќе го искрал и соголел до гола кожа македонскиот граѓанин, кој е патриот –кој е предавник, и слични други бљувотини, од кои на човека му се гади, и поради тоа, а и многу повеќе поради Корона пандемијата, на овие избори се очекува рекордно ниска излезност на едни парламентарни избори. Македонија го живее своето политичко секојдневние, како и во изминатите три децении, но единствена капка надеж дава се поизвесното отпочнување на преговорите со Европската унија, и конечно трансформирање на македонското општество и институции по терк на оние европските- функционални и уредени. Тоа надополнето со заокруженото членство во НАТО, е единствената позитивна вредност која ни дава за право, да поверуваме дека во наредните триесет години, нешто ќе се смени во зачмаениот политички и општествен жабарник на подобро.

Благојче Атанасовски-политиколог

InterServer Web Hosting and VPS