Во медицинското „Панче Караѓозов” се полага квалификациски тест

И покрај негодувањата на одредена група родители, со мало задоцнување тестирањето почна, и до овој момент сè уште е во тек. Тестовите се полагаат едноподруго, а се состојат од 15 прашања за секој од двата предемета, изјави за МИА Маја Салиу, директор на средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов”, каде што за насоката медицинска сестра на албански наставен јазик денеска се организира квалификациско тестирање поради поголем број ученици со максимален број (75) бодови од предвидената квота во Конкурсот на МОН.

Пријавени се 164 ученици што завршиле основно образование со успех 5.00, а со Конкурсот се примаат 102 во три паралелки. Почетокот на тестирањето по предметите билогија и хемија беше закажано за денеска во 10 часот, но револтирани родители и нивните деца протестираа и извикуваа дека бараат да се отвори уште една паралелка за да нема елиминациски тест. Притоа, беше забележливо групирање и непридржување до мерките за заштита од вирусот.
Салиу потенцира дека училиштето не организира тестирање, туку само го спроведува, а дека организатори се Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието – кое и ги изработува тестовите и тие се состојат од материјалот кој учениците веќе го совладале во основното образование.

Посочи и дека на пријавувањето за упис минатата недела максимално се почитувале мерките за заштита и дека добиле над 800 пријави за сите образовни профили во ова училиште каде што има паралелки за настава на македонски и на албански јазик.

Уписот го организиравме со максимално почитување на протоколите, при што беа примени над 800 пријави од ученици и сè се одвиваше во најдобар ред. Согласно Конкурсот објавен од МОН, доколку се пријават поголем број кандидати од предвидениот, а со ист број поени за здравствена струка, треба да се одржи квалификациско тестирање по предметите биологија и хемија. Критериумите, условите и рокот ги одредува МОН, истакна Салиу, додавајќи дека нивна задача како училиште била да обезбедат услови за полагање согласно со протоколите од МОН и Комисијата за заразни болести.

InterServer Web Hosting and VPS