Професори против политичари – кој ќе победи во изборната трка?

Правници, лекари, професори, економисти во партиски дресови ќе го трчаат изборниот круг. Актуелни пратеници се носители на кандидатските листи во најголемите партии, но за овие избори се појавуваат и многу нови имиња не толку познати за пошироката јавност. Речиси и да доминира професорската фела. Гордана Сиљановска-Давкова, Иванка Василевска од професорите во ВМРО-ДПМНЕ се на добитни позиции за идниот парламентарен состав. Професорската катедра повремено ќе ја заменува со пратеничко столче најверојатно,и Тимчо Муцунски, кој е асистент – докторанд на Правниот факултет, и веднаш зад професорката Сиљановска-Давкова е на втората добитна позиција во првата изборна единица. Од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кандидат за пратеник е и професорката Велика Стојкова-Серафимовска, која предавала на Факултетот за музичка уметност, а за овие избори е на седмото место во првата изборна единица. Единствен од политичките лидери кој не предводи кандидатска листа е и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој исто така е универзитетски професор.

И помалите партии кои досега немале свој претставник во Парламентот, на избори ќе излезат со професори. Професорот Димитар Апасиев од Левица и професорката Солза Грчева од Глас за Македонија се најдоа на гласачкото ливче и ќе бараат доверба од граѓаните да бидат гласот на народот во наредниве четири години. Докторот Тодор Ношпал е кандидат на Глас за Македонија.

На листата на новоформираната Твоја партија, која ја предводи адвокатот Александар Тортевски, се имињата на професорите Мирјана Најчевска и Ѓорѓе Марјановиќ. За пратеници се натпреваруваат и Јанко Бачев и Јове Кекеновски како дел од Единствена Македонија.

Во трка за глас повеќе, СДСМ на овие избори довербата за носители на кандидатските листи им ја довери на дел од актуелните министри. И покрај тоа што на листите со пратеници ги нема досегашните министри Рената Дескоска, Венко Филипче и Горан Сугарески, доколку СДСМ формира Влада, најверојатно тие повторно ќе добијат министерска фотелја.

Во скопска единица, кандидатите за пратеници се предводени од шефот на дипломатијата Никола Димитров и вицепремиерката Мила Царовска. Во новиот собраниски состав кандидати од првата изборна единица се искусните политичари, како Дамјан Манчевски,Снежана Калеска Ванчева,  Диме Велковски, и уште неколку познати, но и нови имиња.

Во втората изборна единица носители се техничкиот премиер Оливер Спасовски и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, а подолу на листата се имињата и Славјанка Петровска, Мухамед Зеќири, Санела Шкријељ.

Во изборната единица број 3, носители се генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, и пратеничката Јагода Шахпаска, а на гласачко ливче место добија и досегашната пратеничка од ДОМ- Маја Морачанин, докторите Сашо Николов и Ненад Коциќ,и многу нови имиња.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и од Соња Миракоска од НСДП се носители во четвртата изборна единица, а на листата меѓу другите се и Миле Талески од Прилеп, Даниела Колева и партискиот портпарол Костадин Костадинов.

Листата на коалицијата „Можеме“ во петтата изборна единица ја предводат  министерка за одбрана Радмила Шекеринска, координаторот на досегашната пратеничка група Јован Митрески, придружувани од неколку професори и интелектуалци од Битола и Охрид.

За првпат на овие избори предизборно беше склучена и првата етнички мешана коалиција меѓу СДСМ и албанската БЕСА, па така шестката ќе биде предводена од претседателот на Движењето БЕСА, Биљал Касами, и од Фаница Николовска од СДСМ.

Учество на изборите, кои првично беа закажани за 12 април, пријавија четири коалиции и 11 партии. Во првата, втората и во петтата изборна единица ќе учествуваат сите 15 политички субјекти, додека во другите три изборни единици се пријавени по 14 листи со по 20 кандидати.

Поради коронавирусот изборите во април беа одложени, а со политички договор за нов изборен ден е утврден 15 јули. Според новата Уредба на Владата, изборната кампања ќе почне на 24 овој месец, откако на 22 јуни ќе заврши вонредната состојба.

InterServer Web Hosting and VPS