Јустиција и партиските памфлети

Наближувајќи се кон нови избори, интересно е да се перцепира неудобната врска или (Love/Hate Relationship) на политичките субјекти со Уставот на државата кој од највисок правен акт, сега служи за слободна интерпретација согласно идеите на ‘политичките лидери’ без дополнително размислување за штетите кои судската власт ги трпи. Од прагматизам спрема одредбите за вонредна состојба и продолжување на изборите, па до ефтини пазарења со датумот за избори, во јавноста се добива впчаток дека судството повторно ќе биде ерогената зона врз која ќе се товарат политичките поени, освен за ДУИ, што забега во друга насока и независно судство не е приоритет. Но пред да дојдиме до тој дел, привично да се навратиме на приказната со Уставот.

Интересно, денес секоја институција, партија, суд, државна канцеларија има печатена копија од Уставот. Мојата копија е секогаш на масата десно до сликата и од време на време, имам навика да го отворам и читам македонскиот Устав од проста причина што идеите кои ги содржи се феноменални и граѓански, а и прозата е добра, но најповеќе заради јасно дефинираните ставови за независноста на судската власт кои го штитат граѓанинот од арбитрерно постапување од другите две власти.

Како вешто осмислен концепт, Уставот ја предвидува опасноста од извршната власт (Владата/Претседателот) и нејзините искушенија кон авторитетот и опасноста од монархистички инклинации на премиерот. За да ги спречи таквите непосакувани евентуалности, Уставот дизајнира систем на заштита и ја сместува Владата во еднаква кореалција со законодавната и судската власт со систем на меѓусебна проверка на работата, за не дај боже. Но секогаш кога ќе дојде до заштита на судството од внатрешни или надворешни влијанија, тогаш двете власти се слепи и глуви што придонесува целиот систем да стопира и крахира.

Ниту Уставот денес е поштеден од идиотски тесно-партиски идеи кои се протегаат од концептот на забрана на етнички партии (пази богати) до реизбор на судии. Ок, сепак партиите кои ги окупираат првите две власти се склони кон конспирација, без разлика дали се портретираат како жртви од комунизмот или груевизмот. Но секогаш нивните концепции имаат конспиративна нарација во позадина. Секоја извршна власт не толерира никаков друг центар на социјална и политичка моќ. Тоа е најизразено преку ударите врз судството, па потоа и образованието, здравството и особено спрема универзитетот. Таа нарација подоцна се користи како подлошка што го уништува и окупира судството во целина и го прави зависно од насоки на извршната власт. Во принцип, приказот на процесот на судиска независност во Северна Македонија е акт на пробив низ јазловита проблемска низа на политички одлуки кои имаат директен упад во третата власт и настани кои ги променија симболичките перцепирања на правосудната независност на судството и обвинителството од страна на јавноста.

Судството во оваа приказна за жал е скоро секогаш на удар од страна на нискоинтелегентен идеолошки материјал од партиите. Тоа се огледува во нивните тенденции на „судска реформа“ чии резултат е како меч со две острици за судиите и судството во целина. Имено тука би се надоврзале на незавршените предмети кои се од суштинско значење за демократскиот карактер на државата, како предметот „27-ми април“ каде иако имаме одличен судечки совет во предметот, сепак преку политички прагматизам со интервениција од извршната власт, дел од обвинетите беа спасени од одговорност. Понатаму предметите од СЈО сеуште чекаат на ред и завршувајќи со „Рекет“ против поранешната специјална обвинителка. Имено кај „Рекет“ се наметнаа две правни прашања битни за јавноста. Од една страна се наметнува прашањето – Дали државата има капацитети да се справи со институционален организиран криминал? и второто: Како ќе го изведи тоа? Во однос на првото, треба да се запрашаме доколку главна причина за создавањето на СЈО беше дисфункционалноста и партизираноста на Јавното обвинителство во времето на владеење на ВМРО – ДПМНЕ, на чело со тогашниот републички јавен обвинител, тогаш дали СЈО ја постигна својата цел за создавање на вигилантно, модерно и силно републичко (редовно) јавно обвинителство во случај на негова трансформација или укинување, кое би ја вратило довербата во правдата кај граѓаните? Со последниот избор на членовите на Советот на јавни обвинители, секако дека не. Понатаму позицијата и улогата на Судскиот совет, кој се некако фаќа кривини да се адаптира на предизвиците кои ги носи денот, како на пример упатства за присуство на јавноста во online судења или конзистентен план за одржување на online судења во време на КОВИД 19.

Партиските шарени програми кои повикуваат на реформа на судството се во принцип пишувани за капацитет на 7 годишни деца и се смешни на луѓето кои навистина се вклучени во процесите на реформа на правосудството во сите области од поглавјето 23 (зборувам исклучиво за професионалците од граѓанскиот сектор кој ја работат и разбираат проблематиката од една страна и партиската каша од „експерти“ од друга). Доколку ги читате партиските памфлети, скоро секогаш кај нив судството е портретирано како „вистинскиот“ проблем на оваа држава и тие се тие елити кои ќе го ослободат народот од мрачното судство. Всушност тие не прават ништо друго од тоа што го хранат стравот и инфериорноста на граѓанинот преку создавање, развивање и искористување на мрачна слика за судот како независна власт, само доколку таа определена партија е на власт. За жал овој проект на „судство со посебни потреби“ сеуште успева да опие значителен дел од гласачкото тело, што несомнено ќе донесе уште посериозен проблем кога навистина ќе започнат преговорите со ЕУ за Поглавје 23.

Кај нас, користењето реторика за реформа на судството, без зајакнување на етичките стандарди е неостварлива и има консеквенција на постојано слабеење на судството и на крај сигурно не може да се смета за позиција на отпочнување на реформата. Целосната реформа на судството се темели на базичниот принцип и парадоксот на развивање и имплементирање на Стратегијата за реформа на правосудството – изложување на кревката стабилност на судството кој е суштествено важен за решавање на меѓународните проблеми, исполнување на Поглавјето 23, како во екстензивна смисла меѓународно позиционирање на земјата. Конкретно потребно е зајакнување на улогата на Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, Државна комисија за превенција на корупција за да може да се направи постојана проверка без да се бара Sui Generis решение како ветинг. Меѓутоа за ова се потребни вистински чекори во насока на укажувањата на Венецијаската комисија и ГРЕКО, не само козметички измени на веќе проверени нефункционални решенија.

Затоа, за содржајна реформа на правосудството, потребно е само целосно комплетирање на планот 3-6-9 до крај и секако чиста политичка волја. Би бил радосен доколку политичките елити го чујат повикот на денот и свртат нова проевропска насока во која јавноста нема да биде закрвавена кон судството, туку ќе биде активен придонесител во изградбата на неговата независност. Сепак сите имаме бенефит од независно судство – Рse jo?

м-р Андреј Божиновски

Правен советник

InterServer Web Hosting and VPS