Паметни камери ќе „ловат“ кој поминува на црвено во Атина

За поголема безбедност во сообраќајот, за следење, контрола и подобрување на сообраќајот во областа Атика, во поширокиот регион на Атина, надградена е работата и модернизирани се 230 камери кои ќе ги „ловат“ прекршувачите и оние кои поминуваат на црвено, јави дописничката на МИА од Атина.

Системот за следење ќе се активира кога некој ќе помине на црвено светло и ќе ги регистрира регистарскиот број на автомобилот.

Периферијата Атика ќе биде задолжена за одржувањето и оперативната подготвеност на камерите, а во присуство на префектот, министрите за цивилна заштита и внатрешни работи на Грција, заменик-министерот за транспорт, како и генерални секретари и претставници на локалните власти, беше свечено отворен надградениот оддел на грчката полиција за операции, следење и контрола на сообраќајот.

– Одделот за операции, следење и контрола на сообраќајот е уште еден чекор за да го подобриме сообраќајот на улиците во Атина, рече министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис.

– Во спроведувањето на нашиот стратешки план за безбедност на патиштата, веќе ги имаме првите камери за прекршување на црвеното светло на семафорите, кои во рамките на нашите надлежности, пилотски и приоритетно, ќе се постават на најопасните точки, каде често се забележуваат прекршувања, секогаш согласно упатствата на грчката полиција, рече префектот на периферијата Атика, Јоргос Патулис.

InterServer Web Hosting and VPS