Северна Кореја „ја крена во воздух заедничката канцеларија за врски“ со Југот

Северна Кореја ја разнесе својата заедничка канцеларија за врски со Југот во близина на пограничниот град Каесонг, соопштија јужнокорејските власти.

Овој потег доаѓа само неколку часа откако Северот пак почна да се заканува за воена акција на границата со Кореја.

Локацијата, која е на територијата на Северот, беше отворена во 2018 година за да им помогне на двете Кореи да комуницираат.

Канцеларијата за врски е празна од јануари поради ограничувањата за ковид-19.

Тензиите меѓу Северна и Јужна Кореја ескалираат со недели, поттикнати од дезертерските групи на југ, кои испраќаат пропаганда на северот, вели Би-би-си.

Сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо-џонг, изминатиот викенд се закани дека во „трагичен стил“ ќе ја сруши канцеларијата.

Јужнокорејското министерство за обединување во Сеул потврди дека во 02:49 часот по локално време дошло до експлозија.

Во последните неколку недели Северна Кореја во неколку наврати го осудуваше Југот за дозвола за пропаганда преку границата.

Дезертерски групи редовно испраќаат ваков материјал преку балони, па дури и со беспилотни летала, на Северот.

InterServer Web Hosting and VPS