Во Дебар се поставува пропаганден материјал за заштита од Ковид-19

Дебар,15 јуни – Во рамки на договорените мерки и активности на дебарскиот општински Оперативен штаб за подигање на свеста од опасноста на коронавирусот и подоследно почитување на препораките за спречување на неговото ширење, попладнево почна да се поставува пропаганден материјал.

Ваков едукативен материјал веќе е залепен во центарот на градот на деловни објекти и институции.

Меѓу другото преку слики се објаснува дека е нужно носењето на заштитна маска, редовно миење и дезинфекција на рацете, да се одбегнува ракување и слично.

Оваа активност ја најави на денешната прес-конференција градоначалникот Хекуран Дука, по зголемениот број новозарази во градот. Состојбата тој ја оцени како алармантна, на што наведуваат и податоците дека од 16 земени брисеви минатата недела, осум се позитивни.

Тој, исто така, најави повторна дезинфекција на улиците и објекти во градот, како и населените места, освен селата Долно и Горно Косоврасти каде што тоа е направено по потврдениот случај на заразената жена од село Долно Косоврасти на 5 мај.

Бројот на заразени останува 61, од нив две лица од Центар Жупоа, што беа и првозаразени. Од вкупниот број 47 се излекувани, четворица починаа, додека активни на болеста се 10 лица. Во самоизолација се 41 лице.

InterServer Web Hosting and VPS