Македонски партии и изборите во Србија: СМС бојкотира, ДПМ оди на избори

Белград, 11 јуни – Македонците во Србија на престојните парламентарни, покраински и локални избори излегуваат поделени. Демократската партија на Македонците (ДПМ) ќе учествува на изборите во коалција со Партијата на правдата и помирувањето (СПП) на Муамер Зукорлиќ, додека Партијата на Македонците во Србија (СМС) ќе ги бојкотира.

Како што јави допсникот на МИА од Белград, претседателот на СМС, Горан Илиевски по водените разговори, денеска постигна договор за коалиција и соработка со лидерот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац, со што оваа партија на Македонците официјално прогласи бојкот на изборите во Србија.

– СМС денеска потпиша договор за влегување во коалиција и соработка со Демократската партија, за што постојат повеќе причини. На прво место се загарантираните добри односи меѓу Србија и Северна Македонија, што само ни го гарантираа од ДС и опозицијата во Србија. Потоа, тука е и заштитата на правото за националниот идентитет и зачувувување на јазикот, што во моментов во Србија е доведено во прашање, изјави Илиевски.

Со овој чин, оваа партија на Македонците, ќе стане и дел од опозициската коалиција Сојуз за Србија (СзС), која престојните избори во Србија ги прогласи за лажни, недемократски и без фер услови.

– Со Партијата на Македонците во Србија потпишавме договор за заедничко дејствување, кој е во два праци, изјави за македонските медиуми лидерот на ДС, Зоран Лутовац. – Едниот е изградбата на подобри односи помеѓу Србите и Македонците во Србија и меѓу Србија и Северна Македонија како две пријателски држави да ги унапредат своите односи. Второто ниво на соработка е на основ на идеолошката програмаска блискост, бидејќи се залагаме за држава на социјална правда и добрососедски односи и тоа се темели на кои ја базираме нашата соработка, изјави Лутовац.

За разлика од нив, Демократската партија на Македонците во Србија (ДПМ), во коалиција со Партијата на правдата и помирувањето (СПП) на Муамер Зукорлиќ од Нови Пазар, како две малцински партии излегува на изборите со заедничка изборна листа, со цел да направи Сојуз на малцински партии, за да добијат можност за македонски пратеник во српското Собрание, кој би ги застапувал правата на македонскта заедница во Србија.

– Секој преставник на својата малцинска заедница најдобро ќе го застапува своето малцинство, ќе одлучува за својата судбина и побргу ќе ги решава проблемите, а не како досега што беше во српското Собрание да не застапуваат преставници на двете малцински заедници, на унгарското и на бошњачкото малцинство. Муамер Зукорлиќ ќе биде стожер на сите национални зедници во Србија, кои ќе се обединат околу оваа наша малцинска идеа, изјави Маја Георгиевска од ДПМ.

Од познатите Македонци кои ќе земат учество на престојните избори се адвокатот Тома Фила на листата на Социјалистичката партија на Србија (СПС) на Ивица Дачиќ и познатиот фудбалер Бошко Ѓуровски, кој е кандидат за пратеник на партијата Здрава Србија на Милан Стаматовиќ.

Изборите во Србија се закажани на 21 јуни.

InterServer Web Hosting and VPS