Работата на улица е најчестa формa на детски труд во Македонија

Работата на улица е една од најчестите форми на детски труд во Македонија. Децата на улица често заработуваат од питање, продавање ситни предмети, чистење автомобилски стакла на раскрсниците или, пак, се инволвирани во собирање пластични шишиња и друг вид отпад од контејнерите, соопшти Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Од таму велат дека некои деца ги вршат овие активности со цел да им помогнат финансиски на своите семејства, а други се принудени од страна на членови на семејството или од организирани групи да работат на улица.

„Овој вид детски труд влијае на секој аспект од животот на децата, го нарушува нивниот физички, психички, социјален и образовен развој и ги оневозможува во остварувањето на нивните основни човекови права. Според владиниот извештај поднесен до Комитетот за правата на детето во март минатата година, центрите за социјална работа имаат евидентирано околу 650 деца на улица. Сознанијата на граѓанските организации укажуваат дека оваа бројка е далеку помала од реалната“, велат од „Меѓаши“.

Од Детската амбасада велат дека државата треба итно да преземе соодветни законодавни, административни, социјални и образовни мерки со цел заштита на детето од сите облици на злоупотреба на детски труд. Од институциите се очекува да ги препознаваат и евидентираат случаите на злоупотреба на детски труд, но и да спроведуваат и развиваат механизми за превенција и сузбивање.

Утре, 12 јуни, е светски Ден против детскиот труд, кој оваа година се фокусира на влијанието на пандемијата и економската криза врз детскиот труд. „Светската пандемија на Ковид-19, економскиот шок и пазарот на трудот имаат огромно влијание врз животот и животите на луѓето. За жал, децата страдаат меѓу првите. Кризата може да биде фактор плус кон приклучување милиони ранливи деца во детскиот труд“, истакнуваат од Меѓународната организација на трудот.

InterServer Web Hosting and VPS