Новиот Mercedes-Benz GLB пристигна во Македонија!

Целосно-новиот модел на Mercedes-Benz – новиот GLB – веќе пристигна во салонот на Мак Аутостар.

Како што веќе напишавме кога Mercedes-Benz го претстави новиот GLB, кажавме дека веднаш наликува на G класата. Всушност, ќе кажеме повторно – земете го легендарниот G-Wagen, малку заоблете ги рабовите и модернизирајте го дизајнот – и го добивате GLB. Признаваме дека GLB носи интересна робустност во сегментот, и во моментов е еден од најпривлечните SUV модели на Mercedes-Benz.

Интересна е одлуката на Mercedes-Benz да понуди опција за трет ред на седишта во GLB, бидејќи сепак ова е компактен SUV. Сепак, формата го дозволува тоа – па зошто да не? Третиот ред седишта е предвиден за луѓе кои не се повисоки од 168 сантиметри, за да имаат доволно простор. Во кабината доминира новиот MBUX инфозабавен систем на Mercedes-Benz, а GLB ги добива сите техонологии и „играчки“ од поголемите роднини – од сега веќе „секојдневните“ работи како што се LED (и Multibeam LED) предни светла, па сè до системите за асистенција во возењето, напредна безбедност, итн.

GLB ја добива и најновата генерација на 4Matic системот на сите четири тркала со неколку различни режими на работа и дистрибуција на вртежниот момент. Во режимот Comfort, 80% од вртежниот момент оди кон предните тркала, а 20% кон задните. Префрлете во Sport и тој однос се менува во 70:30, а доколку одберете Off-Road, ќе добиете еднаква, 50:50 дистрибуција на вртежниот момент.

GLB е достапен со неколку различни турбо-бензински и турбодизел мотори. Понудата кај бензинците започнува со GLB 200 (кој е само со погон на предните тркала), кој добива нов 1.33-литарски турбо-бензинец со 163 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Овој мотор е доволен за забрзување до 100 километри на час за 9.1 секунда и максимални 207 километри на час. Скалило погоре е GLB 250 4Matic кој комбинира погон на сите четири тркала со 2-литарски турбо-бензинец и располага со 224 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Забрзувањето до 100 километри на час трае 6.9 секунди а максималната брзина е 236 километри на час. Врв на бензинската понуда е Mercedes-AMG GLB35 4Matic, кој исто така користи 2-литарски турбо-бензинец, но во оваа конфигурација тој испорачува 306 коњски сили и 400 Nm вртежен момент – доволно за катапултирање до 100 километри на час за 5.2 секунди и максимални 250 километри на час.

Доколку сакате турбодизел, во понудата ќе најдете неколку различни изведби на 2-литарскиот турбодизел на Mercedes-Benz. Понудата започнува со GLB 180d кој располага со 116 коњски сили и 280 Nm вртежен момент. Скалило погоре е GLB 200d, каде достапни Ви се 150 коњски сили и 320 Nm вртежен момент, додека на самиот врв е GLB 220d 4Matic со 190 коњски сили и 400 Nm вртежен момент.

Новиот GLB е веќе изложен во салонот на Mercedes-Benz во Скопје.

InterServer Web Hosting and VPS