Два клуба од Серија А кријат позитивни случаи на Ковид-19 и ќе ги соопштат кога сезоната ќе продолжи со цел да ја прекинат?

Во италијанските медиуми се појави една бизарна теорија на заговор дека два клуба од Серија А кријат позитивни случаи на Ковид-19 и ќе ги соопштат кога сезоната ќе продолжи со цел да ја прекинат, со свој став се јавија од Беневенто кои стравуваат дека една ваква идеја може да ја сруши нивната промоција.

Беневенто е прв на табелата во Серија Б со дури 20 бода повеќе од вториот Кротоне, но тие се уште стравуваат дека нивната промоција во Серија А можно е и да не се случи ако сезоната биде прекината.

Во весникот „Кориере дело Спорт“ се појави теорија на заговор дека два клуба од долниот дел на табелата во Серија А кријат позитивни резултати од коронавирус и чекаат прав момент да ги соопштат со што би ја прекинале сезоната.

Градоначалникот на Беневенто, Клементе Мастела реагираше на ваквите информации барајќи итна истрага за наводите во текстот.

„Бараме од луѓето во Фудбалската федерација на Италија да се справат со овие работи. Има премногу итроштини и голем интерес од некои да направат се за да опстанат. Разочарани сме од ваквите информации“, вели градоначалникот на Беневенто во дел од изјавата.

Во петокот 16 од 20 клубови од Серија А гласаа да не биде доделено Скудето, да нема испаѓање и влегување во лигата доколку сезоната повторно биде прекината.

Поради ова Беневенто стравува од нечесни игри на дел од клубовите и бара заштита од Фудбалската федерација на Италија каде што денеска има состанок на темата што ќе се случи ако сезоната повторно биде прекината. Многумина очекуваат федерацијата да стави вето на гласањето на клубовите и евентуалниот нов прекин да се решава или со плејоф или со актуелната бодовна состојба на клубовите.

InterServer Web Hosting and VPS