Ердоган ја послуша јавноста, ја укина забраната за движење за викендот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска рече дека одлучил да ја укине забраната за движење која беше донесена доцна синоќа за претстојниот викенд.
Тој рече дека донел одлука поради противењето на народот, но предупреди на растот на дневниот број новозаразени од корона вирус.

Министерството за внатрешни работи синоќа објави наредба граѓаните од 15 градови да останат дома за да се спречи ширењето на корона вирусот.

Ердоган во серијата пораки на Твитер рече дека владата морала да воведе забрана затоа што дневниот број инфицирани порасна од 700 на 1.000.

„Сепак, реакциите кои ги примивме од нашиот народ не наведоа да ја преиспитаме одлуката“, и забраната сега е укината, рече турскиот претседател.
Тој ги повика граѓаните да го почитуваат социјалното дистанцирање и хигиенските мерки.

InterServer Web Hosting and VPS