Босанец осомничен за напад на полицајци при немирите во Њујорк, се поврзува со тероризам

Џенан Камовиќ, Босанец кој живее во Америка, е осомничен дека повредил тројца полицајци во Њујорк. ФБИ сега истражува дали станува збор за тероризам.

Камовиќ (21) најпрво избодел полицаец, кој бил испратен да спречи грабеж на продавница за време на протестите за убиството на Џорџ Флојд, а потоа ранил двајца други со огнено оружје, ги пренесува податоците од полицијата, „Њујорк пост“. Полицијата исто така истражува дали овој напад има врска со тероризам, се додава во извештајот на њујоршкиот весник.

Пред да ги повреди полицајците, Камовиќ на социјалните мрежи пишувал статуси против полицијата, а неименуван висок полициски службеник за „Њујорк пост“ изјавил дека семејството на Камовиќ има врска со тероризам.

Извори на американскиот весник наведуваат дека самиот Камовиќ не бил познат како личност поврзана со тероризам, но дека бил во контакт со луѓе што се.

Одредот за борба против тероризам на ФБИ, исто така, се приклучил на истрагата. Тие биле на местото на злосторството на Чрч авенју, а направиле и претрес на станот на Камовиќ на улицата 22 Ист.

Камовиќ нема криминално досие и е осомничен дека прободел полицаец во вратот. На помош притрчале други двајца полицајци, од кои едниот извадил пиштол. Камовиќ се обидел да го украде оружјето, кое пукнало и ранило двајца полицајци, еден во рака, а друг во дланката.

Други полицајци го застрелале напаѓачот, кој е во критична состојба во болница, додека полицајците не се во опасност.

InterServer Web Hosting and VPS