Реакција на СДСМ на прес-конференцијата на Наќе Чулев

Скопје, 28 мај – Чулев со невистини се обидува да ја вознемирува јавноста, реформите во безбедносните служби превенираат секаков вид на злоупотреби

Техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев денеска повторно преку невистини, преку непрецизни и нецелосни информации се обидува да ја вознемирува јавноста.

По прес-конференцијата со право се поставуваат дилемите дали Чулев денеска излезе со претпоставки или со докази за како што вели тој наводно нелегално прислушување? Дали за ова е известен Советот за безбедност и дали оваа тема се отворила на некоја од затворените владини седници?

Дали Чулев денеска имаше прес-конференција само за да го има во медиумите или навистина располага со некакви сомнежи за злоупотреби?

Чулев мора да знае дека се што ќе каже во јавноста мора да подлежи на сериозни аргументи а не претпоставки и нецелосни факти и на крајот наместо да држи празни и конфузни прес-конференции со кои го повикува Обвинителството, да се обрати до Обвинителството со равните механизми што ги има како министер.

Како што јавно соопшти и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата не располага ниту со опрема за следење на комуникации, ниту со медијациски уреди за активирање на следењето на комуникациите во мрежите на операторите и нема техничка можност самостојно и независно да активира и да врши следење на комуникации во мрежите на телекомуникациските оператори без посредство на Оперативно техничката агенција. Истовремено, согласно Законот за Оперативно техничката агенција, оваа Агенција е самостоен државен орган кој што овозможува техничка поврзаност помеѓу операторите и органите овластени за следење на комуникациите.

Реформите во безбедносните служби беше врвен приоритет на владата и парламентарното мнозинство предводени од СДСМ. Нивното усвојување обезбеди професионализација на безбедносните служби, што беше поздравено и од страна на нашите пријатели во ЕУ. За потсетување, за овие важни закони гласаа и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а дополнително, на чело на Комисиите за надзор се пратеници од редовите на опозицијата.

Јавноста памети дека токму партијата која стои зад Чулев, ВМРО-ДПМНЕ со години го злоупотребуваше безбедносно-разузанвачкиот сектор за масовно нелегално следење на комуникациите на над 20.000 граѓани.

Денес, тоа е минато, денес, следењето на комуникациите од страна на безбедносните служби е целосно согласно законите и доколку се појави било каков сомнеж за некаква злоупотреба институциите веднаш треба да реагираат.

InterServer Web Hosting and VPS