ДОГАН – над 60 години искуство со разладна опрема и климатизација

Интервју со Мерита Рамадани Алими, директор за бизнис и развој во DOGAN Air Conditioning Solutions во кое ја раскажува приказната на компанијата во која менаџира, за тоа како го реализирала својот сон да биде успешна бизнисменка, за членството во Групацијата на жени претприемачи при Стопанската комора на Македонија. Рамадани Алими е една од топ 10 најуспешни жени менаџери во 2019 избрана од агенција „Марили“

МАРИЛИ: Од кога постои компанијата DOGAN Air Conditioning Solutions и која е нејзината основна дејност?
РАМАДАНИ-АЛИМИ
: DOGAN Air Conditioning Solutions е компанија што е специјализирана за проектирање, изведба и за одржување на сите видови системи за греење, ладење и вентилација. Со искуство од повеќе од 60 години во сферата на разладна опрема и климатизација, ние во ДОГАН се стремиме да понудиме врвна техничка експертиза и професионална услуга во реализирањето на секоја идеја и во наоѓањето ефикасни и економични решенија за потребите на нашите клиенти. Ние сме главни увозници и дистрибутери на интернационалниот бренд LG – лидер во технолошката иновација и поим за кредибилитетот на пазарот на системите HVAC од појавата на првиот клима-уред за домаќинството во 1968 година, па сѐ до воведувањето на еден од најефикасните и најсигурните системи VRF во светот денес, MULTI V. Оваа соработка ни овозможува понуда на широка палета производи и услуги, од проектирање и изведба на најкомплексни системски решенија VRF до едноставни инвертер клима-уреди за домаќинствата.

МАРИЛИ: Компанијата DOGAN Air Conditioning Solutions има свој партнер во Македонија. Објаснете ни за каков партнерски однос станува збор?
РАМАДАНИ-АЛИМИ:
Нашата приказна започна во 1991 година, кога е основана компанијата ДОГАН како продавница за компресори и сервис за фрижидери. Денес ДОГАН се занимава со продажба на комплетна разладна опрема, а DOGAN Air Conditioning Solutions произлегува како дополнување на оваа успешна компанија што, освен во Македонија, е добро позната и има претставништва и на територијата на Албанија и на Косово.
МАРИЛИ: Долги години сте во претприемаштвото и во менаџерството и позната сте како една од најуспешните жени претприемачи во нашата земја. Како започна сѐ тоа?
РАМАДАНИ-АЛИМИ: Пораснав во семејство што е вклучено во бизнис-светот уште од осумдесеттите години на минатиот век. Додека растев, секојдневно го гледав и му се восхитував на мојот татко, сонувајќи дека еден ден и јас ќе бидам успешна бизнисменка и пример за новите генерации, но и за сите жени што се плашат да „запливаат во овие води“. Така, уште од моите 15 години знаев дека ќе бидам претприемач. Нашиот фамилијарен бизнис се протегаше во неколку области. Започна со ресторан во Старата чаршија, потоа со прехранбена индустрија на големо и мало, а во 1995 година станавме застапници на земјоделски производи во Македонија. Отсекогаш бев заинтересирана за бизнисот, а со текот на времето целосно се вклучив во менаџерскиот тим, каде што во 2008 година го презедов целиот бизнис поради смртта на татко ми кој боледуваше од карцином, па влегов во еден машки свет, полн со предизвици и препреки.
Губењето на татко ми, пример за вистински родител, успешен бизнисмен и народен човек, остави голема тага кај нас. Делата што тој ги остави зад себе направија јас, како личност, да еволуирам во успешен менаџер и да го поттикнам мојот претприемачки дух во доминација. Тоа беше многу тежок период за мене, мора да признаам, но никогаш не се предадов, туку храбро се борев за да дојдам до нивото каде што сум сега.

МАРИЛИ: Член сте на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија и ја предводите групацијата на женското претприемаштво во рамките на оваа Комора. Каков е Вашиот придонес во Комората со овие две позиции?
РАМАДАНИ-АЛИМИ:
СКСЗМ е единствена комора каде што статутарно се регулира учеството на бизнис-жените во Управниот одбор, односно тоа е задолжително. Од 2013 година сум членка на Управниот одбор, каде што со другите членови одлучуваме за политиките на Комората. Мојот придонес е рамноправен со тој на другите членови каде што, мора да истакнам, женскиот инпут ѝ дава „деликатес“ на секоја одлука. Но мојот придонес не се гледа само од фактот дека сум жена, туку реално ги презентирам проблемите на бизнисите на кои им се потребни институционален став и решение. Во СКСЗМ функционира и Групацијата на жени претприемачи, каде што традиционално организираме настани и нетворкинг евенти. Да се биде членка на оваа Групација е чест и одговорност бидејќи претставуваме женски бизнис во „маскулин“ општество, треба да ја тргнеме секоја препрека пред нас и, искрено, одговорност бидејќи ние сме Role Models што треба да бидат следени од идните генерации. Со еден збор, учеството и придонесот е да се биде дел од водењето на големите политики на Комората и достоинствено да се претстави жената во бизнисот.

МАРИЛИ: Во 2018 година бевте номинирана од Департментот на Вашингтон за една од најуспешните жени претприемачи на Балканот за програмата IVLP. Што значеше за Вас ова искуство?
РАМАДАНИ-АЛИМИ:
Искрено, бев позитивно изненадена од нивната покана, навистина не ја очекував бидејќи никогаш не работев за да добијам признанија, туку фокусот беше ставен на успехот и само на успехот, како и на максималната посветеност на целите што беа поставени за постигнување. Секако, многу се израдував што токму мене ме избраа од програмата IVLP. Сите знаеме од колку голема важност е постојано да се унапредуваме, да учиме нови работи, да знаеме да препознаеме кои се моментните потреби на пазарот, но и да се шират познанства и искуства. Оваа програма имаше голем придонес во овој сегмент. Бевме собрани 22 жени од цел свет, прошетавме четири држави, почнувајќи од Вашингтон, Канзас, Денвер и Њујорк. Посетивме многу универзитети, невладини организации, како и поголеми компании. 
Искуството од ова патување е непроценливо, јас научив многу од нив, но и тие од мене. „Жената треба да биде оригинална, посветена на работата и да креира свој бренд, а не да копира“, по ова мое мото ме паметеа и сите присутни на оваа престижна програма. МАРИЛИ: Што значи да се биде успешна жена во машки бизниси и кое е мотото за да се биде успешен во животот воопшто? 
РАМАДАНИ-АЛИМИ:
Како што напоменав и погоре, почетоците не беа лесни за мене. Сите се водат од мислата дека жената не може да биде успешна во бизнис- секторот, особено во машките бизниси и слично. Но со текот на времето и другите ја гледаат твојата посветеност и колку вложуваш во бизнисот и полека почнуваат да те гледаат како пријател и те прифаќаат. Јас не се предадов и покрај сите падови бидејќи се насочив тие да ми бидат предизвик во животот и по ова се водам и ден-денес.

МАРИЛИ: Вие сте успешна менаџерка, но и семејна жена. Како успевате да ги балансирате сите обврски?
РАМАДАНИ-АЛИМИ:
Потребна е само желба и добра организација и сѐ може да се постигне и да се балансира. Јас сум мајка на две прекрасни деца Туана и Ајан, кои заедно со мојот сопруг Ријад, кој од самиот почеток веруваше во мене, ми се најголема поддршка и секојдневна мотивација и инспирација. Обожавам да читам книги и да спортувам и се трудам тоа да го правам колку што можам повеќе, односно колку што ми дозволува времето.
InterServer Web Hosting and VPS