Како стојат работите сега: Дали вирусот корона е поопасен од грипот?

Од појавувањето на вирусот корона, многумина го споредуваат со грипот – и двата предизвикуваат респираторни симптоми, но честопати се шпекулира кој е позаразен, помртоносен… Еве што велат бројките!

Претходните истражувања покажаа дека ковид-19, кој моментно инфицира 5,6 милиони луѓе ширум светот, се шири побрзо од грипот и има повисока стапка на смртност!

Според Светската здравствена организација, меѓу 250.000 и 500.000 луѓе умираат од грип во светот секоја година, а вирусот корона досега однесе повеќе од 350.000 животи низ целиот свет!

И грипот и ковид-19 се респираторни заболувања, но вирусот корона не е грип, тој се шири многу побрзо и има повисока стапка на смртност од грипот, барем според досега познатите податоци.

Симптоми и сериозност на симптомите

И сезонскиот вирус на грип и ковид-19 се заразни кои предизвикуваат респираторни заболувања. Секако, нивните симптоми се различни, но факт е дека грипот може да предизвика компликации кај луѓето, како пневмонија, исто како и вирусот корона.

Она што е различно, сепак, е дека децата се ризична група кога станува збор за компликации предизвикани од грип, додека тоа обично не е случај со коронавирус – децата можат да бидат заразени, но компликациите се многу ретки.

Исто така, симптомите на грип обично се појавуваат ненадејно, брзо, додека појавата на симптоми на коронавирус е постепена и има голем број на асимптоматски случаи.

Стапка на смртност

Иако сè уште не е можно да се каже која е точната стапка на смртност од коронавирусот, бидејќи епидемијата сè уште беснее во некои земји, според претходните истражувања, таа е повисока од стапката на смртност од сезонски грип.

Секако, тоа може да зависи од земјата, но заради споредба, стапката на смртност од сезонски грип е 0,1 проценти во САД, а досега скоро шест проценти од заразените со ковид-19 починале во таа земја.

Сепак, овие податоци треба да се земат со зрно сол затоа што експертите истакнуваат дека има многу луѓе кои имаат лесни симптоми, а вирусот корона дури и не е дијагностициран и ако се земат предвид сите тие, стапката на смртност би била помала.

Пренесување на вирус

Мерката со која научниците утврдуваат колку е заразен вирусот е позната како стапка на репродукција, односно просечен број на луѓе на кои заразено лице може да го пренесе вирусот.

Кога станува збор за грипот, оваа стапка е околу 1,2, додека стапката на репродукција сè уште не може целосно да се одреди за вирусот на корона, но прелиминарните студии покажуваат дека таа е помеѓу две и три.

Пандемија

Експертите посочуваат дека сезонскиот грип, кој се јавува секоја година, не треба да се меша со пандемски грип, односно нов вирус кој е различен од вообичаениот грип. Тоа се случи во 2009 година, кога имаше пандемија на свински грип, која инфицираше околу 1,4 милијарди луѓе ширум светот и уби меѓу 151.000 и 575.000, според американскиот Центар за контрола и спречување на болести.

InterServer Web Hosting and VPS