Комисијата за заразни болести предложи полициски час од сабота навечер до вторник наутро

Поради продолжениот празничен викенд што следува, Комисијата за заразни болести бара од Владата да воведе полициски час од сабота од 19 часот до вторник до 5 часот наутро. Ова барање ќе го разгледува Владата, која ќе треба да донесе конечна одлука.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека предлогот е поради тоа што изминативе денови најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку семејни собири, а со тоа не се почитувале ниту мерките воведени за носење заштитна опрема и држење дистанца.

„Ние имавме состанок со Комисијата за заразни болести и беше предложено до штабот и Владата во текот на викендот да има целосно ограничување на движењето, практично полициски час. Од сабота од 19 часот до вторник до 5 часот наутро. Сите овие случаи што ги имавме минативе денови се должат на настани, семејни собири, што се случуваа изминативе денови. Токму поради тоа непочитување на мерките, ќе имаме нови случаи. Во таа смисла, само една ваква ригорозна мерка сметаме дека ќе има вистински ефект“, рече Филипче.

Тој додаде дека за намалување на полицискиот час ќе се разговара по продолжениот викенд.

„Сите други ослободувања од рестрикциите што беа најавени за крајот на оваа недела ги оставаме за почетокот на следната, по викендот. Тука влегува функционирањето на угостителските објекти, евентуално скратување на полицискиот час. Но, за сето тоа ќе одлучува Владата, првин во текот на овие денови, за викендот, а понатаму и за сите овие мерки од вторник па натаму“, додаде Филипче.

InterServer Web Hosting and VPS