Костадинов: Според Комисијата за заразни болести, создадени се услови за избори

Според Комисијата за заразни болести и според надлежните институции, создадени се услови за одржување на предвремените парламентарни избори, секако со целосно почитување на протоколите за заштита на здравјето, изјави портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

„Дека има услови за одржување на изборите, говори и позитивниот одговор на ОБСЕ/ОДИХР дека се подготвени да продолжат со набљудувачката мисија на парламентарните избори во Република Северна Македонија“, рече тој.

Костадинов рече дека во согласност со законските одредби и уредбата со законска сила на Владата, изборите треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба. Во случај таа да заврши на 30 мај, рече тој, изборите треба да бидат на 21 јуни.

„Имаме распуштено Собрание за што гласаа сите политички партии, имаме техничка Влада по пржински модел, на крајот имаме и распишано избори од страна на претседателот на Собранието, кои беа одложени поради корона-кризата. Оттука, нема никакви пречки процесот да продолжи и изборите да бидат на 21 јуни“, изјави Костадинов.

Не смееме, додаде тој, и со сигурност нема да дозволиме неодговорното и незрело однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја втурне нашата држава во лош правец, само затоа што тие се плашат од изборно соочување.

„Токму Мицкоски се согласи за избори на 12 април. Токму ВМРО-ДПМНЕ гласаше за распуштање на Собранието, поддржаа распишување на изборите , влезе во техничка Влада, поднесе пратенички листи, стави печат на кандидатските листи, учествуваше во ждребувањето и дури има и свое бројче на гласачкото ливче. Сега Мицкоски, единствено може да избира дали ќе води или нема да води изборна кампања, а неговата партија во секој случај ќе се најде на избирачкото ливче“, рече портпаролот на СДСМ.

InterServer Web Hosting and VPS