ПАНДЕМИЈАТА И НИЕ: ПОДГОТОВКА ЗА (НЕ)УСПЕХ

Нема граѓанин на оваа држава којшто не беше изложен на информацијата за убиствениот вирус и пандемијата COVID-19. Не само кај нас, туку и на целата Земјина топка. Друго е прашањето до кој сѐ допреа пораките што и како треба да се прави. Но, тоа ќе биде тема на некоја од моите следни колумни.

Во оваа сакам да зборувам за одговорот кон пандемијата или за потребата од вистинскиот одговор кон ваквите кризи.

Се случи тоа што се случи, а сега веќе различни држави ширум светот ги олеснуваат преземените мерки. Некои од нив тоа го прават побрзо, некои побавно.

Што покажа теренот на нашата држава?

Не би грешел ако речам дека кризата нас нѐ фати затечени, забезекнати, преплашени, но и недоволно, неправилно или несоодветно организирани. Мала илустрација. Видовме дека ‘вирусната бомба’ експлодира во Италија, ама летовите со оваа земја не беа веднаш блокирани. Се почека. Контингентот на последните патници што пристигна од Милано, во време кога таму наголемо владееше вирусот, не беше третиран на професионален начин. Иако се знаеше дека симптомите на овој вирус се итри и може да се појават во неколку форми, на овие лица им се мереше температура кога пристигнуваа на аеродромот (некому да, некому не, според сведочења на граѓани) и во во моментот кога немаа фебрилна состојба се оставаа речиси слободни.

Подготовката за пандемија на грип, од каков и да е вид, подразбира континуиран процес на мултисекторско планирање, симулации, промена на плановите, флексибилност, претворање на стратегиите во планови на локално и регионално ниво, тестирање на одговорот, и така натаму и така натаму. Научените лекции се користат како основа или доказ за чекорите што ќе се преземат понатаму.

Но, наместо ние добро да ги истестираме нашите стратегии за одговор на кризи, пандемии, болести, несреќи, ни се случи обратното. Пандемијата на КОВИД-19 нѐ истестира нас. И тоа добро. Зошто? Едноставно е, затоа што ние немавме стратегија.

Еден од првите и најважни чекори ќе беше да се направи добра анализа какви би биле ефектите од мерките што ќе ги преземе власта за намалување на шерењето на вирусот во однос на општеството и јавното здравство во целина. И, секако, тие мерки континуирано да се разгледуваат, преиспитуваат и отворено комуницираат со јавноста, како што се развиваат околностите.

Врз основа на иницијалните проценки за ризикот на којшто е изложена државата, требаше да се направи и добра анализа за ресурсите што се неопходни за да се одговори на кризата. Па, на тоа да следуваше добра координација на институциите на системот, бизнисот, граѓанското општество, па и со верските заедници.

‘Играта’ со полицискиот час скапо ја чинеше економијата на земјата. Апсолутно ќе беше во ред таквата мерка ако вниманието подеднакво беше насочено и кон препораките за заштита кои дозволуваат економско функционирање. Не сме ние од оние држави коишто имаат толку многу резервни пари што можат дури да си дозволат и да експериментираат. Работните места се од витално значење за животот и опстанокот. Изгубениот профит предизвикан од затворањето создаде огромни економски тешкотии. Кога и за луѓето кои се економски безбедни овие проблеми имаат значителен ефект, што да кажеме за луѓето кои живеат на работ на егзистенцијата?

Секако дека кризата никој од нас не треба да ја искористува за осуда и политички пресметки, нормално е да разбереме дека се најдовме пред непозната околност. Но, токму овој факт е уште еден потсетник дека кризата се планира во нормални времиња. Се носи стратегија со краткорочни и долгорочни цели, поддржана од одржлив систем за управување со кризи. А, за да се стори тоа мора да се потпреме на демократски институции и на способноста, потенцирам СПОСОБНОСТ за споделување на моќта. И, секако, на лекциите, како од минатото, така и од оние во меѓународни рамки.

Една од првите поуки ни е и дека ни треба стабилна инвестиција во јавниот здравствен систем на земјата, клучна сфера од нашата национална инфраструктура која со години и децении трпи занемарување.

Подготовката на народот за закани од пандемии и епидемии е, исто така, од клучно значење, односно промовирањето култура на поединецот, семејството и заедницата. А ако се крши законот, да се санкционираат сите оние кои не ги почитувале правилата за живот во услови на пандемија. Не треба едни слободно да дефилираат како да се на партиски митинг, а други да се затворени и да не смеат да работат.

Потфрлуваме во секоја од овие стратешки области погоре, и во планирањето, и во координацијата, и во споделувањето на моќта, и во одвојувањето ресурси, време и енергија да се слушаме еден со друг. Потфрливме и во индивидуалната одговорност, тема што не смее да се занемарува. И за оваа тема ќе зборувам во друга прилика.

Но, како и секоја криза, така и оваа ќе помине, порано или подоцна. Важно е да научиме дека изборот што го правиме и начинот на којшто одговараме на предизвиците и, уште поважно, начинот на којшто се адаптираме на промените е она што ќе ни ја трасира иднината. И, секако, заедништвото што ни е потребно за да се придвижме напред.

Ќе завршам со зборовите на Бенџамин Франклин: „Ако не успеете да се подготвите, се подготвувате за неуспех“.

Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар

InterServer Web Hosting and VPS