ВМРО-ДПМНЕ: Бројката на починати од корона надмина 100 лица, а на Заев му се брза на избори

„Заев и СДСМ ја користат епидемијата на коронавирусот да си делат милионски бизниси, концесии и да прават класичен изборен поткуп на гласачи. Поради нивното неодговорно однесување, во Македонија имавме црн викенд, а само вчера беа регистрирани нови 30 заболени и тројца починати. Со тоа Македонија ја надмина бројката од 100 жртви. Македонија е црн рекордер во регионот по смртност на милион жители и имаме повеќе жртви од Бугарија, Албанија и Грција заедно“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, Македонија е земја во која нема никаква стратегија за решавање на економската криза, која следува по здравствената, па така имаме најмал процент од БДП одвоен за помош на економијата и стопанството.

„Македонија е земја во која повеќе се одвојува за договорни услуги, стоки и услуги и други непродуктивни трансфери отколку што се одвојува за поддршка на здравствениот систем и изградба на капитални инвестиции. Македонија е земја во која буџетската дупка за првите месеци е 200 милиони евра, без притоа да се пресметаат економските последици од кризата. Тоа е нов долг за секое семејство од речиси 420 евра. Ете како неспособната власт на Заев и СДСМ се справуваат со здравствената и економската криза.

Заев и СДСМ и по цена на животи и по цена на економски колапс брзаат да одат на избори, само за да го ублажат поразот. ВМРО-ДПМНЕ ќе ги победи нивните штетните политики кога и да се одржат изборите, но интересот на граѓаните и на државата ни се, пред сè. ВМРО-ДПМНЕ е поинаква од СДСМ. Со СДСМ и Заев, добивме хибриден режим, неспособност, криминал и сиромаштија“, се вели во соопштението.

InterServer Web Hosting and VPS