СЗО: Дојде до раст на новозаразени во земјите што ги ублажија мерките

Во текот на викендот, се забележува пораст на нови случаи на заразени со коронавирус во некои земји кои ги олесниле ограничувањата, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебреизус.

“Во текот на викендот, бевме сведоци на предизвикот што претстои. Во Јужна Кореја, кафулињата и клубовите повторно беа затворени поради новооткриените случаи на инфекција. Во Вухан, Кина, се случи уште едно зголемување на бројот на ново заразени по прекинот на мерките”, рече Тедрос.

„Германија исто така објави зголемување на нови случаи по олеснувањето на рестриктивните мерки. За среќа, сите три земји имаат добар систем за откривање и реагирање на повторната појава на нови инфекции“, додаде директорот на СЗО на денешната прес-конференција во Женева.

Тедрос истакна дека СЗО има објавено упатства и шест критериуми што земјите треба да ги земат предвид пред да ги укинат рестриктивните мерки, пишува Си-Ен-Ен.

„СЗО работи тесно со владите за да се осигури дека остануваат клучните рестриктивни мерки за време на борбата против пандемијата. Додека нема вакцина, мерките се нашиот најефикасен модел за спречување на ширењето на ковид-19“, рече генералниот директор на Светската здравствена организација.

InterServer Web Hosting and VPS