Двојна солидарност

Присилната солидарност не е солидарност, туку насилништво или Bulling врз судиите и јавните обвинители. Можеби тоа е најточна дефиниција за несреќната уредба на Владата со која се обиде да го „дисциплинира“ судството. Но ова е дел од еден циклус во борбата за правна држава, која по сите увидувања сеуште не се ослободила од ретроградните политики на извршната власт од осамостувањето до донес. Покрај бурните реакции од јавноста, треба да се посочи дека Уставниот суд одлучи во согласност со Уставот и начелото на поделба на власта. Реакциите од јавноста се негативни поради компромитираноста, шеговитоста и недоветноста во донесувањето на уредбата и потфрлувањето во нејзиното објаснување.

Разбирам дека ниту една политичка партија особено во изборна кампања нема да го заштити судството ниту да застане во одбрана на судиите, бидејќи не е исплатливо во однос на собирање гласови. Бидејќи сите свесно и несвесно се колнеме во ЕУ вредности – очигледно потребно е потенцирам дека обврска на секоја држава е да ја гарантира независноста на судиите при донесувањето на одлуки кои директно ја засегаат нивната позиција како носители на третата власт, а не да ја користат третата власт против јавноста.

Доколку зборуваме за финансиски облигации на државата за време на вонредна состојба, ајде да го воочиме примерот со намалувањето на платите на судиите и јавните обвинители во соседна Грција, членка на ЕУ, која во екот на финансиската и хуманитарна криза се обиде, но не успеа да ги намали платите на судиите и обвинителите. Се работи за случајот 4093/2012 од Врховен суд на Грција, каде судот упатува дека и покрај антикризните мерки за спречување на хуманитарната и финансиска криза, одлуката на грчката влада за намалување на платите на судиите и обвинителите не е уставна, врз основа на паритетот на поделба на власта и уставните гаранции на пристојна судска плата во однос на извршувањето на функцијата судија. Случајот Koufaki и Adedy v. Грција на ЕСЧП, е друго. Тука не се работи за судии, туку за државни службеници. Кај првиот апликант, судот укажал дека намалувањето на платата од 2435 ЕУР на 1,885 ЕУР за време на криза е оправдана бидејќи согласно мислењето на судот, апликантот би можел да има пристоен живот во рамки на таа плата. Кај вториот апликант „Конфедерацијата на јавни службеници“, се однесува на укинување на 13та и 14та плата и тука нема потреба да одам во детали. Кога би имале и ние би знаеле како.

Од друга страна улогата на Уставниот суд е сосема нешто друго и нема врска со регуларното судство. Уставниот суд индиректно брани колективни права на граѓните од неуставни закони и хармонизира акти согласно Уставот на оваа држава. Кон тоа Уставот му доделува и дополнителна директна заштита на група граѓанско политички права како слободата на изразување, религиските слободи и слични права кои го обезбедуваат плурализмот и поделбата на власта. Неговиот легитимитет се црпи директно од Уставот, а единствената допирана точка која ја има со законодавнат власт, е со трипартитниот избор на судиите. Тука зборувам за уставниот суд како институција и нема на навлегувам во однос на дискусијата по повод уредбата бидејќи тоа беше се освен правна дискусија.

Од друга страна, кај регуларното судството. Гарантирањето на независноста на судството, државата го изразува преку неколку мерки: гарантирање на статусот на судиите, остварување на независноста преку Судскиот совет (или Советот на јавните обвинители кај обвинителството) кој треба да биде независен и во функција на судството, како и доделување доживотен мандат на судиите, материјални услови за извршување на нивната функција и финансиска независност. Особено сегментот на финансиска независност на судството е гарантот дека судијата без притисок врз плата ќе си ја извршува функцијата ослободен од сите притисоци и ќе ја игра улогата која уставот му ја доделил – гарант за правата на граѓаните од арбитрерност во одлучувањето на извршната власт или владата.

Уредбата чиј предзнак беше солидарност, во ист кош ги стави пратениците, функционерите од извршната власт, судиите и обвинителите. Секој добро школуван правник кој не заспал на час по етика, знае дека судиите не припаѓаат во тој кош. Тие не се исти со другите функционери, бидејќи тие си се власт сама по себе, а не на извршната власт. Доколку целта на уредбата беше да се постигне солидарност, тогаш таа можеше да води со пример и да ги намали платите на функционерите кои се директно и индиректно се под нејзина надлежност. Доколку е неопходно да се намалат плати на функционерите од другите две власти, тогаш тоа се прави преку дијалог со Собранието (законодавната) и со Судството(судската власт). Единствената опција другари е преку дијалог и охрабрување со лидерите на правосудството. Доколку се почитува принципот на поделба на власта потребно е преку ефективни и кратки преговори со Судскиот совет, Советот на јавните обвинители и здруженијата на судиите и јавните обвинители за да може да изнајде легитимен законски начин, каде преку донација тие ќе ја докажеа својата солидарност.

Вака тие се оставени на немилосрдие на јавноста, чии гнев беше многу тактички насочен кон собирање на политички поени врз сметка и грбот на судиите и обвинителите. Стигматизирани се поради фактот што некој нелегитимно пробал да им брцне во џеб и тие се одбраниле. Дополнително извршната власт изразува разочарување спрема Уставниот суд и неговата одлука со квалификации дека е срамна. Зошто одлуката да е срамна? Таа е уставна.

Тешко е да отсраниме навики, особено е тешко да отсраниме ретроградни и автократски навики и од авторитарна да пренебрегнеме кон либерална држава. Се соочуваме со тој проблем од осамостујавањето до денес, но убеден сум дека судството ќе се активира и ќе биде катализатор на позитивни промени во општеството, не извршната власт, туку судството. Борбата за правната држава е постојана борба, судирот со извршната власт мора да се издржи стоички.

М-р Андреј Божиновски

Правен советник

InterServer Web Hosting and VPS