Повеќе Американци починале од коронавирус отколку што биле убиени во војната во Виетнам

Бројот на починати Американци од пандемијата на коронавирус денеска надмина 59.220 лица, со што се надминува бројот на убиени Американци за време на војната во Виетнам, додека бројот на заразени со Ковид-19 во земјата надмина еден милион.

Официјално потврдениот број на заразени лица во САД е двојно зголемен во последните 18 дена и сега претставува една третина од сите случаи на заразени со Ковид-19 низ целиот свет, покажуваат податоците што ги објави „Ројтерс“.

Се верува дека вистинскиот број на заразени е уште поголем, бидејќи здравствените работници предупредуваат дека капацитетот за тестирање е недоволен заради недостаток на квалификувани луѓе и опрема.

Околу 30 проценти од случаите се забележани во државата Њујорк, епицентарот на епидемијата во Соединетите држави, а потоа следат Њу Џерси, Масачусетс, Калифорнија и Пенсилванија.

Околу 3 милиони луѓе се заразени ширум светот. Најмногу случаи на заболени од Ковид-19 има во САД, по што следат Италија, Шпанија и Франција.

Шпанија, Белгија, Швајцарија и Италија имаат највисоки стапки на зараза по глава на жител, а Соединетите држави се на петтото место.

InterServer Web Hosting and VPS