Иреални сказни од реалниот живот: Си го баравте, чудете му се – „така рече другарот Лазо“!?

Изграден пред скоро 40 години, уште од времето на југословенската федерација, колекторскиот систем  за заштита на Охридското езеро од отпадни и загадени води, речиси не функционира.

Во тоа време беше замислен како капитален проект од значење на тогашната Југославија, за подготовките и изградбата се грижеше тело на државно ниво, во форма на Совет, што го предводеше висок функционер Македонец – Димче Беловски.Беше и дипломат, мегу другото, амбасадор на Југославија во Вашингтон.

Димче, на некој начин и наш колега (еден од директорите на НИП “Нова Македонија”), беше вистински кицош. Секогаш елегантен, во костим и машносан. Често заседнувавме во култниот ресторан “Летница”, бистревме политика .А кога ќе дојдеше колегата Ерол Ризаов, однапред знаеше дека,всушност, сме бистреле мегународна политика, судејќи по составот. Ова се разбира треба да го примите како мајтапење.

Кога го предадовме во употртеба, беше тоа настан од светско значење. Проектот беше мегуграничен (и со Албанија – идејата беше колекторски прстен околу целото езеро), на некој начин и мегународен. Во игра беше и Светската банка, бевме се растрчале како лобисти по светопт, во една прилика, во Вашингтон, и самиот, како гостин во домот на симпатичната скопјанка, ќерка на првоборецот Злате Биљаноски, омажена за тогашниот портпарол на директорот на Светската банка,Џемс Вулфенсон,кој, подоицна, дојде лично во Охрид.

“Така рече другарот Лазо (Колишевски)!”: Сега чудете му се!?

Арно, ама, требаше да поминат само неколку години, за да се случи она што го предвидувавме и ние лаиците. Бидејќи беше пуштен и така изграден, без претходно да се раздвои дождовната канализација, се се вливаше во главната одводна цевка, се до пречистителната станица во Враништа, кај Струга, а попатно дваесетина препумпни станици. Крахот беше неминовен.

Голем  дел од непречистените отпадни, па и фекални води и натаму се вливаат во реката Црн Дрим и во самото езеро.Главната пречистителна станица во Враништа знаше да не функционира со месеци. Повремено надвор од употреба се дел од препумпните станици во Охрид и Струга.Тој комплициране систем бара многу луге и средства за да се одржува. Бара нови и нови пумпи.

А се можеше да биде поинаку, “да не речеше така другарот Лазо!”. Имено, пред да почне изградбата, проектната документација се работеше на начин да го даде одговорот: колекторскиот прстен ќе оди по природен пат – со цевковод покрај крајбрежјето (тоа не беше проблем, нели езерото истекува во Црн Дрим), или, како што тогаш се велеше – по механички пат.

Одлучувавме, тогаш постоеа три тела во локалната самоуправа: Собор на месни заедници, Собор на здружен труд и Општествено политички собор, јас самиот – во третиот. Колеги ми беа Ратко Младиќ, Вани Василевски (дедото на пратеникот – собранискиот вратар, Сашо Василевски) и уште цела плеада интересни типови.Тогаш локалната самоуправа имаше и Извршен совет.

Во мојот собор, сосема природно, ја одбравме – природната варијанта. Ама се што е природно, не мора да биде и општествено! Точката се изгласа, кога наеднаш во салата влета тогашниот претседател на Извршниот совет Петар Василевски.

Стоп, вели нашиот Перчо. Ќе гласате пак. З,ш бе така? З,ш така требит! Сега ми се јави другарот Лазо, рече да се гради механичката варијанта. Ќе копаме по “Туристичка”, едната лента ќе ја затвориме на подолг рок, механиката ќе ја гради “ЕМО”, а градежниот дел “Трудбеник”.

Повеќе од јасно. Ем работа за двете големи фирми и за пајташите на “другарот Лазо”, ем лајнарникот нема да минува пред куќата на директорот на “Трудбеник”. За отпосле ќе му ја мислиме!? А однапред се знаше што значеше, секојдневно да се истуркуваат 40.000 метри кубни вода и фекалии до Враништа.

Неколкумина политички аџамии побаравме збор. Сус, вели извршната власт. Далe збор “пред Другарот!”. Од атер поради годините, право на збор доби само чичко Вани. Е сега, вели, ја оплескавме, како Црногорците: Почнале да градат тунел, од двете страни на брдото и се разминале!

Од туѓите грешки се учи, а од своите се страда

Македонска направија. Зошто да е просто, ако може да е сложено и комплицирано. Притисна проблемот, притисна УНЕСКО, изборите кај нас се честа “природна!” појава, нема каде, угоре високо – удолу длабоко, Владата го превзеде управувањето со колекторскиот систем, формира посебно претпријатие.

Лани, пред нова година, екс-премиерот Заев, приреди пригодна свеченост во Охрид, кае беше “означен почетокот на работните активности за санација на колекторскиот систем на Охридското Езеро. Објасни дека “овој сериозен зафат го преземаме затоа што несеопфатната реализација и негрижа за одржувањето на системот за прочистување на отпадни води создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување”

Заев вети дека “во наредните пет месеци ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување за ова заштитеното подрaчје опфатено со УНЕСКО, наша гордост и грижа за сите нас. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености”.

Активностите “за санација на терен” ги врши фирмата „Еко тим“ од Скопје, филијала на хрватската компанија „Инд Еко“ од Ријека, специјализирана за санација на системи за канализациски и системи за одвод на атмостферска вода.

Она што засега го гледаме, не личи на санација, туку на едноставно чистење на секундарната канализациска мрежа. Нешто слично објасни и Жељко Шмитран, директор на фирмата „Еко Тим“ : “Санацијата ќе се врши со најсовремена технологија, со чистење на цевководот одвнатре без ископ на постојната мрежа. Ова е технологија која ние ја применуваме веќе 15 години, но ќе биде применета за прв пат во Република Северна Македонија. Предноста на оваа технологија е тоа што ќе ги изведуваме работните активности без оштетување на надземната и подземната инфраструктура. Активностите ќе треба да се извршуваат многу побрзо во споредба со активностите кои се потребни за класично ископување на цевките”.

Навистина, во проектот е предвидено да биде саниран најкритичниот дел од системот, кој е потполно нефункционален, а би требало да бидат репарирани и санирани сите 20 пумпни станици.

Веле Митаноски

InterServer Web Hosting and VPS