ВМРО-ДПМНЕ не отстапува: Уставот е јасен, Собранието е веќе распуштено и не може повторно да заседава

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски денеска изјави дека Собранието не може повторно да заседава затоа што е распуштено и оти по ова прашање Уставот е јасен.

„Јасни се одредбите во македонскиот Устав, како и позитивните законски акти, така што еднаш распуштено Собрание не може да се врати и да заседава“, рече Николоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со барањето за свикување итна седница од страна на СДСМ.

Во однос на нов датум за парламентарни избори, тој кажа дека е „дегутантно и нечовечко однесувањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев и на СДСМ, во услови кога многу луѓе се заболени од корона вирусот, илјадници луѓе губат работни места и за жал десетици фамилии ги изгубија своите најблиски, а многу луѓе сѐ уште се борат за својот живот, кој било од политичарите да зборува за вакви теми“.

Според него, СДСМ сакаат да се спасат од одговорноста за криминалите што ги направија.

Запрашан што ќе се случи со кандидатските листи, Николоски рече дека тие се веќе потврдени од Државната изборна комисија.

InterServer Web Hosting and VPS