Кој ќе утврди нов датум и кој ќе распише нови избори?

Мандатот на пратениците од последниот собраниски состав е сè уште активен, но Собранието е распуштено и засега нема иницијатива за негово повторно свикување. Се поставува прашањето кој ќе ги распише претходно одложените парламентарни избори, без оглед дали тие ќе се одржат во јуни или наесен, откако пред неколку дена Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на Одлуката за распуштање на Собранието. Во исто време, првите луѓе во државата, претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и понатаму се со различни ставови дали Собранието може да се свика повторно или не.

Пендаровски смета дека Собранието треба повторно да се состане и покрај тоа што беше распуштено. Џафери одбива да го стори тоа и потенцира дека за такво нешто нема законска и уставна основа.

Изборниот процес треба да почне од почеток, смета професорката Тања Каракамишева-Јовановска.

-Не можат да продолжат изборните дејствија таму каде што застанале, бидејќи со тоа им се оневозможува на голема група граѓани кои во меѓувреме наполниле 18 години да се стекнат со правото на глас, смета универзитетската професорка Тања Каракамишева.

Владата не може со уредба со законска сила да утврди нов датум за избори, ниту пак Државната изборна комисија е овластена да врши ревидирање на изборните рокови без да биде утврден точниот датум за избори.

Претседателот Пендаровски неодамна повторно побара свикување на Собранието и потсетува дека Уставот овозможува 20 пратеници да поднесат барање за одржување на таква седница, на која би се потврдила одлуката за прогласување вонредна состојба.

„Во ситуација кога пратениците земаат плата, кога ниту еден од нив нема побарано апанажа која следува по завршување на мандатот, што значи дека тие се сè уште со валиден мандат, а Собранието, сепак, не работи, јас ја преземам одговорноста со носењето на ваква одлука, само затоа што имаме ситуација без преседан кога е далеку поважно да ги сочуваме животите и здравјето на луѓето, отколку да се криеме зад правни толкувања“, рече Пендаровски.

Владата на седницата на 21 март донесе Уредба со законска сила за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите.

Со Уредбата, Владата ја задолжи Државната изборна комисија да ја обезбеди и чува постојната изборна документација до продолжување на спроведувањето на изборните дејствија и изборите, откако ќе биде прогласен престанок на вонредната состојба.

Уредбата ја задолжи ДИК во рок од еден ден од денот на престанокот на вонредната состојба на својата веб-страница да објави ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија.

InterServer Web Hosting and VPS