Во Македонија се подготвува лекување на заболените од ковид-19 со крвна плазма од излекувани

Заразата од коронавирусот во државава се движи кон пикот, а бројот на заболени секојдневно постепено се зголемува. Од вкупно 854 дијагностицирани, најголем број се од Скопје – 316, по што следуваат Куманово – 211, Прилеп – 75, Дебар – 49… Излекувани се 44 пациенти, а 38 се починати. Од вкупниот број заболени, 117 се здравствени работници.

Во третманот на дел од пациентите со коронавирус на Клиниката за инфективни болести терапијата од комбинацијата на двата лека хлорокин и азитромицин дава резултат и добар дел од нив се пуштени на домашно лекување, но кај пациентите со најтешка форма на болеста таа не дава резултати.

Оваа најтешка форма на болест, како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, и покрај сите преземени мерки, многу тешко може да се третира и за жал пациентите и покрај сите интензивни мерки на терапија, на лекување, на супортивна терапија, антибиотска и секоја друга терапија што доаѓа во предвид за други органи и органски системи, не само за белите дробови, не дава резултат.

По примерот на повеќе земји, се очекува и во државава да почне лекувањето на заразените со вирусот со крвна плазма од излекувани пациенти.

За користењето на крвната плазма, како што информираше Филипче, подготвен е протоколот и се работи на нејзино техничко подготвување.

„Колегите од Институтот за трансфузиологија се подготвени технички да го изработат одделувањето на плазмата, односно фракционирањето, а потоа ќе биде идницирано да се даде на одредена група на пациенти, согласно параметрите и начинот на манифестација на болеста“, рече Филипче.

Тој посочи дека се обратиле до Јапонската амбасада за донирање на една форма на антивирусен лек односно дополнителна терапија како помош за сите земји.

„Во однос на дополнителна терапија ги пратиме светските трендови и очекуваме да стигнат и после формализирањето на документите, делот од терапијата што доаѓа преку студијата од Светската здравствена организација. Се обративме и официјално до Јапонската амбасада заради тоа што Јапонија најави деќа ќе донира една форма на антивирусен лек како помош за сите земји“, рече Филипче.

Во државава досега се направени вкупно 8.552 тестирања за коронавирус, а во текот на неделава, како што е најавено, во функција ќе се стават две дополнителни лаборатории – лабораторијата во МАНУ и во Институтот за судска медицина со што ќе се скрати времето на чекање на резултатите од тестовите за коронавирусот.

„Со ова капацитетот на бројот на тестирања во текот на денот се зголемува за 50 до 100 со што практично ќе се елиминира долгото чекање на резулати, со оглед на големиот број брисеви што стигнуваат во лабораторијата на Институтот за јавно здравје“, рече Филипче и појасни дека целта е да се скрати времето на чекање и резултатите да се добиваат за еден ден, односно 24 часа.

Во насока на откривање на близок контакт со потенцијално заразени лица и со тоа да се помогне во борбата со вирусот и побрзо спречување на ланецот на ширење, граѓаните на своите мобилни уреди може да ја преземат апликацијата „Стоп корона“, што вчера беше презентирана. За да ја постигне својата цел апликацијата е потребно масовно да се користи и преземе од сите граѓани.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека апликацијата гарантира целосна заштита на приватноста, не ги следи контактите и не користи, локација, ниту име и презиме на оние кои ја користат, а единствен податок што го бара е мобилниот број на корисникот.

„Апелирам до сите граѓани што помасовно да ја преземат оваа апликација. Со помош на апликацијата сите даваме личен придонес во колективната борба со оваа наша заедничка опасност. Со апликацијата им помагаме и на здравствените работници кои секој ден се првата линија на борбата“, истакна Манчевски.

Апликацијата функционира на принцип на анонимизирани шифри, така што, дава брз одговор на здравствените работници со кои лица бил заразениот во контакт во последните 14 дена, помага да се информираат потенцијално инфицираните лица за да им се дадат насоки за самоизолација, тестирање или лекување и помага за растoварување на здрваствените работници во поглед на анкетирањето на контактите со заболените.

„Корисникот е потребно доброволно да го внесе својот мобилен број за да ја активира апликацијата. Овој податок се евидентира на безбеден сервер на Министерството за здравство и ниту еден друг корисник нема пристап до мобилните броеви или некаде се чува податок за сопственикот на бројот“, изјави Манчевски.

За еден ден апликацијата без официјална најава, веќе ја имаат активирано 5.000 корисници.

Во напорите за што побрзо справување со коронавирусот, Владата воведува уште позасилени мерки со кои полицискиот час се продолжува и за Велигден. Се забранува движењето за сите граѓани од 17 април (петок) во 16 часот, до 21 април (вторник) во 5 часот.

Останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 5 часот наредниот ден. Се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава од 16 април (четврток) во 16 часот до 21 април (вторник) во 05 часот.

InterServer Web Hosting and VPS