Реал Мадрид има големи планови за Јовиќ, немаат намера да се откажат од Србинот

И покрај тоа што Лука Јовиќ разочара во првата сезона во Реал Мадрид, од клубот сметаат дека неговото време допрва доаѓа и тој ќе ги оправда очекувањата.

Лука Јовиќ има тежок старт на кариерата во Реал Мадрид каде што дојде како сериозно засилување во нападот.

Тој беше во центарот на вниманието во изминатиот период по негативни работи. Од Шпанија се врати во Србија и не ги почитуваше препораките за изолација на неговата земја поради што го навлече гневот на сонародниците.

Извор од Реал Мадрид за „АС“ потврди дека клубот има големи планови за 22-годишниот Лука Јовиќ и велат дека тие му дале дозвола да се врати во Србија.

„Лука е на перфектна возраст да се развива како фудбалер и како личност, тој има договор до 2025 и ние сметаме на него. Не направил ништо без знаење на Реал Мадрид и локалната полиција во неговата земја беше информирана за неговото доаѓање. Медиумите од мравка направија слон. Првата година не е лесна за никој во поглед на адаптација во нова земја, јазик, култура, но ние го знаеме неговиот потенцијал и никој нема сомнеж во тоа“, вели изворот од Реал Мадрид за „АС“.

Јовиќ во Реал Мадрид пристигна за сума од 60 милиони евра, но постигна само два гола. Факт е и дека не играше многу, одигра вкупно 766 минути од можни 3360. Само на еден меч 90 минути се задржа на теренот. Сегашната вредност според „Трансфермаркт“ му е 32 милиони евра, речиси двојно помалку од сумата за која потпиша за Реал.

InterServer Web Hosting and VPS