Готово е: Де Лихт за 75 милиони евра во Јувентус – утре лекарски прегледи и промоција

Суперталентираниот стопер и капитен на холандски Ајакс, Матијс Де Лихт и официјално е нов фудбалер на италијанскиот шампион Јувентус, откако двата клуба го договорија трансферот вреден 75 милиони евра сосе бонуси, па вечерва Холанѓанецот ќе пристигне во Торино и утре ќе ги има лекарските прегледи и промоцијата.

Еден од најугледните новинари на Апенините, Џанлука Ди Марцо објави дека Јувентус ја доставиле банкарската гаранција, која беше последна пречка пред реализација на трансферот и веќе се закажани лекарските прегледи за в среда. „Старата дама“ ќе плати 70 милиони евра,плус пет милиони во бонуси за Де Лихт.

Холандскиот фудбалер потпишува петгодишен договор со Јувентус, а ќе заработува по 12 милиони евра годишно и со тоа ќе стане вториот најплатен фудбалер во Торино, после Кристијано Роналдо. Иако во Јувентус фудбалерите немаат откупна клаузула, на барање на Де Лихт, таа стои во договорот и ќе изнесува 150 милиони евра.

Де Лихт се најавуваше како засилување во Барселона, но Јувентус во последен момент влезе во сериозната трка и на крај го доби потписот, најмногу и благодарение на менаџерот Мино Рајола, кој има одлична соработка со „старата дама“, а сега добро ќе се офајди од новиот трансфер.

InterServer Web Hosting and VPS