Калчолигашите се договорија, играчите не прифатија намалувања: Ова е срамота!

Додека на Апенините се води жестока битка со новиот коронавирус, кој однесе 15.000 животи, на фудбалски план калчолигашите и фудбалерите влегоа во жестока војна околу најавите за намалувања на платите на играчите, поради економската криза која поради пандемијата силно ги погоди фудбалските клубови.

Само неколку часа откако беше објавено дека се договориле калчолигашите за начинот на кој ќе се намалат платите, бунт кренаа фудбалерите, кои објавија дека предлогот е срамен и неприфатлив. Калчолигашите понудија намалување на платата за една третина, односно ако сезоната не се заврши на фудбалерите да не им исплатат четири од 12-те плати, а ако продолжи подоцна да им скратат само две плати и тоа намалување да биде за една шестина.

„Ова е рамен и неизводлив предлог. Очигледно е дека сакаат само играчите да ја платат штетата, која е предизвикана од Ковид-19“, изјави потпретседателот на здружението на фудбалери (АИЦ), Умгерто Калкањо.

За предлогот за намалување гласаа 19 од 20-те калчолигаши, а не гласаше само првакот Јувентус, кој претходно се договорил со фудбалерите за четири плати да не им бидат дадени поради пандемијата.

„Единствено нешто што е релевантно е само дека мора да разговараат со играчите. Ништо друго!“, додал Калкањо.

Здружението е бесно на клубовите зашто во ек на експлозија на новиот вирус, инсистираа да се продолжи да се игра фудбал до 8 март, а потоа и да се тренира до средина на минатиот месец, иако Ковид-19 земаше огромен замав во Ломбардија и Венето, каде и се појави. Серија А беше прекината пред еден месец откако италијанската влада презема ригорозни мерки. За да се заврши првенството треба да се доиграат уште 12 кола, како и четири одложени меча кои не се играа на 22 февруари, како и полуфиналињата во Купот.

InterServer Web Hosting and VPS