ДЕНОТ “Д”

По пандемијата светот ќе наликува на пустош по разорна светска војна. Ќе следи драматична фаза во глобалниот капитализам. Во досегашните кризи на удар биле или побарувачката или понудувачката, а сега ќе бидат и двете.

Паралелно со жртвите на вирусот, веројатно ќе ги броиме и економските жртви. Кризата повторно ќе ги зафати малите и слабите економии. Капиталот ќе се повлече од земјите во развој и тие ќе паднат на колена. A моќните земји ќе ги субвенционираат своите компании со илјадници милијарди, користејќи ја пандемијата како покритие, грубо кршејќи ги правилата на глобалниот пазар. Веќе се планира да испечатат неколку илјади милијарди долари и никој не забележува како парите се појавуваат во криза. Секогаш има доволно пари за вооружување, за воени вежби, за брутални интервенции, но тешко и за социјални, здравствени и научни потреби. Истовремено, богатите земји и ММФ ќе понудат кредитна помош, фрлајќи нова јамка на долгови врз веќе енормно задолжените земји. Чудно е како при секоја криза силните финансиски организации вадат од бункер најекстремно оружје на монетарната политика.

Сега во Кина се продаваат само 40 отсто од вообичаениот број продадени автомобили. Тоа директно ќе ги погоди европските производители. Аналитичари на позната швајцарска банка велат дека и производството ќе се намали за околу 20 проценти, поради, проблемите со снабдувањето со материјали и со намалената побарувачка. Германскиот “Аdidas” објави дека во првите три месеци од годината е на пат да загуби над една милијарда евра од падот на продажбата во Кина, Хонг Конг, Макао и Тајван.

Најголем удар претрпуваат туризмот сообраќајот и услугите. Услужниот сектор претрпе удар како што само при војна може да се случи. На авиокомпаниите им се заканува намалување на приходот од 113 милијарди американски долари, предупредува Меѓународното здружение за транспорт. Акциите на најголемите компании од овој сектор се паднати за повеќе од 20 проценти во берзите на САД. Британскиот регионален оператор “Flybe” веќе објави банкрот. Според УНКТАД, 42 од 100 најголеми мултинационални компании во светот велат дека се соочуваат со непрофитабилнoст. Тоа ќе се одрази во инвестициите и работењето на банките, а потоа и на остатокот од економијата. Лондонски институт за економски истражувања (IHS Markit), проценува дека глобалниот економски раст ќе биде 1,7 проценти оваа година, многу под оптимистичката прогноза од 2,5 проценти во февруари.

Состојбите далеку ќе го надминат падот на “Берлинскиот ѕид“ или „Wall Street“. Пандемијата ќе го тресе светот, а далекусежни последици можеме само да ги замислиме. „Единствено што е сигурно дека болеста ќе донесе на виделина колку се способни владите, и ќе донесе трајни промени во политичката и економската моќ“ – пишува угледниот “Foreign Policy”. Финансиската и економската криза може да ја надмине рецесијата од 2008-2009 година. „Секоја криза е сеизмички шок што трајно го менува меѓународниот систем и рамнотежата на моќта како што тоа го знаеме“ – вели Николас Барнс, професор на Харвард.

Прво, глобалната криза во 2008 година предизвикана од неодговорното однесување на банкарите, беше ублажено од два клучни фактори – мерките на монетарната политика и Сојузните резерви. Тоа најдобро го одразуваат релативно лесниот пристап до „свежи“ и ефтини пари, но не за сите „слободни“ учесници на пазарот. Парите беа отпечатени во трилиони долари и ставени во економски текови со каматна стапка од околу 0,3 проценти. Важно е да се потенцира фактот дека големите корпорации се најголеми корисници на ефтини пари, и покрај прекумерната ликвидност. Таква стабилизација на глобалниот пазар на капитал, вклучително и финансиски институции и големи корпорации е штетна за реалниот и одржливиот развој, запоставувајќи ги виталните интереси на општеството: образование, вработување, здравство, заштита на оскудни природни ресурси итн. Тоа во континуитет богатите ги прави уште побогати, а сиромашните уште посиромашни. Крајот на кризата доведе до состојба што 50% од светското население со послаб стандард, загуби 900 милијарди американски долари! И сега само 1% од светската популација поседува вртоглаво 21 илјади милијарди долари богатство! Според магазинот „Форбс“, 20 луѓе во светот поседуваат капитал од 1,31 трилион долари. Во САД, 3,75 проценти луѓе имаат богатство од 1,3 трилиони долари. Со други зборови, 20-те најбогати луѓе имаат исто богатство како половина од светската популација.

Пандемската криза тешко ја погодува и енергетиката. Големиот пад на цената на нафтата и гасот сериозно ги погодува производителите. Така. производството во многу земји е намалено или суспендирано. Песимистичките визии се во насока дека пандемијата ќе продолжи да ја поткопува светската економска активност и ќе ги зголеми тензиите меѓу земјите. Ќе се случи големо раселување од земјите во развој што ќе резултира со понатамошен удар врз ранливите работници. Сите овие параметри можат да произведат нестабилност и конфликти, а во најмала рака економска самоизолација. Ќе се создаде свет што е помалку отворен, помалку просперитетен, помалку слободен, а повеќе конфликтуозен. Сите најголеми економски кризи, од триумфот на неолиберализмот во 1980-тите до денес, ги имаа истите последици – големиот пораст на задолженоста на граѓаните, на државите и слабите економии. Во втората половина на 2019 година, глобалниот долг достигна неверојатни 350.000 милијарди американски долари и ги надмина 320 проценти од глобалниот бруто домашен производ.

Премногу човекот силуваше во име на алчноста, престижот и незаситноста. Сега природата возвраќа со сета жестина. ILO предвидува над 50 милиони загубени работни места. САД и другите силни држави ќе се затворат во себе, а ЕУ видно ќе ослабне. Светот не дава 500 милијарди долари колку е потребно за елементарни еколошки стандарди, за потоа да даде десет пати повеќе за една година. Дарежливи се за луксузен Холивуд, но скржави за болници, респиратори, лекови, маски.

На краток рок ова ќе го користат националисти и антиглобалисти за да нудат брзоплети решенија за создадениот колапс. Тоа ќе биде одлична храна за нив. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неoдамна изјави дека Европа се наоѓа во можеби најголемата економска криза во својата историја. „Во моментот е важно оваа економска криза Европа да ја преживее без да пропадне “, рече таа. Пред некој ден Матео Салвини, настапи со најпогрдни зборови за ЕУ и најави излегување на Италија од неа. Но на долг рок пак ќе мора демократиите да излезат од нивните школки за да најдат нова форма на прагматичен и заштитен интернационализам. Поинаку лесно и нам може да ни се случи наместо Европа без граници да добиеме граници без Европа.

Сите системи ќе бидат во потрага на автономна регулација на сопствената судбина, но за догледно време пак ќе соочуваат со општо-планетарните проблеми. Индија веќе покрена иницијатива за организирање на видео конференција на сите водачи од Јужна Азија за да се состави заедничкиот регионален одговор на заканата. Ако пандемијата нè натера да ги препознаеме нашите вистински вредности на локално и глобално ниво, тоа значи дека вирусот бил и од корист. Ќе мора да ги третираме и климатските промени, оти без глобална екологија, веројатно дека ќе има разновидни мутации кај вирусите.

denesmagazin.mk

InterServer Web Hosting and VPS