Јустиција и јавното здравје

Деновиве традиционално, секако во нормални услови, се одбележува Денот на македонското правосудството. Оваа година сосем неочекувано наместо независност, етика, транспарентност во праводуството, дискусијата се помести кон заштита на јавното здравје, судска заштита на човековите права од полицијска арбитрерност во време на епидемија, здравствена заштита на правосудните актери, лицата во судската администрација и на последно место, но не и неважни – затворската популација и затворскиот персонал.

Затворите како вирусни инкубатори

Поради состојбата со COVID-19 на глобално ниво, се поттикнува сериозна дебата во насока на заштита на здравјето на лицата лишени од слобода и лицата кои издржуваат затворска казна. Властите за справување со овој проблем донесуваат мерки, чија заедничка цел е приоретизирање на заштитата на ранливите категории на лица. Сепак, иако го исполнуваат критериумот на „ранливост“, затворската популација е оставена на маргините од главните дискусии во однос на превенцијата. Но, знаеме и зошто е тоа така. Дополнително во справувањето со вирусната криза излезе на површина неедуцираноста и недисциплината на општата јавност, проследена со сериозноста на лимитирање на човековите права во време на вонредна состојба, опасноста од стигматизација на лицата во карантин (што разуно не смее да се очекува во 21 век) и зголемување на бројот на заразените лица на слобода.

Но едно е најсигурно. Никогаш не сме се запрашале што со лицата лишени од слобода и нивното здравје за време на оваа епидемја? Ова прашање е во насока на превенција на COVID 19, бидејќи доколку не обрнеме внамание на нив ќе се соочиме со опасноста нашите затвори и истражни затвори да станат инкубатор на вирусот и со тоа закана на општата јавност.

Секоја година во извештаите за состојбата на затворите во Северна Македонија се открива состојбата на хронична запуштеност и непогодност на затворскиот систем, од протекување на покриви и неуспешни системи за греење до скршени прозорци и наезда на стаорци. Потребно е да нотираме дека затворените лица се едни од најранливите групи на заразни болести поради несанитарните услови, отежнатиот пристап до здравствени установи, како и преполнетоста на затворите, што ги прави невозможни држењето на физичката дистанца или изолацијата од другите затвореници. Меѓутоа и во случаи на пеидемија, овие лица имаат процесни права, што никој, без разлика на сериозноста на состојбата не смее, ниту може да им ги ограничи.

Процесните права и епидемијата

Единствениот начин да се зачува јавното здравје и безбедност, а со тоа и да се заштити правото на живот е да се намали бројот на лица во затворите или лицата кои се наоѓаат во притвор. Од сите решенија, тоа е најоптималното решение, во согласност со насоките на СЗО. Тоа е потребно од проста причина што криминалот не спие за време на епидемија, ниту во вонредна состојба. Ниту пак правосудните институции целосно замираат и продолжуваат кога кризата ќе помине. Напротив, судот е контролор на правата на граѓаните во време на вонредна состојба и полицијски час, кога постојат сериозни индикатори за прекршување на базичните права и слободи на граѓаните од арбитререн однос на полицијата.

Посигурен и одржлив начин да се ограничи ширењето на коронавирусот во затворите е да се намали сегашната популација на затворите. Ова бара спроведување на две проактивни стратегии: ревизија за употребата на мерката притвор како најстрога мерка за обезбедување на присуство и донесување на наредба предвремено ослободување на ризични групи на затвореници, тука секако спаѓаат затвореници со навистина нарушено здравје.

Иако реториката во јавноста се однесува на пунитивната и ретрибутивната природа на Кривичниот закон, не треба да се заборави и неговата превентивна природа. Начелото на хуманистички пристап и солидаризација, како и примена на зкаонот за прекршоци за сторени лесни повреди. Од тука, полицијата во рамките на нејзините надлежности, не треба да апси, ниту задржува луѓе, туку само прекршочно да ги казнува или опоменува. Истото важи и за судиите и јавните обвинители. Иако начелото на акузаторност во Законот за кривична постапка не го дозволува тоа, обвинителот не смее да гони дела од мало значење во период наепидемија, ниту да бара притвор или продолжување на притвор за сторителите на кривични дела, освен во исклучителни случаи за тешки и сериозни дела соодветно на степенот на сторување на обвинетиот. Сега е можоста за примена на поблагите мерки за обезбедување на присуство, каде обвинителот може да води со пример и да побара редовно јавување на обвинетиот до судот или да бара куќен притвор. Иако е притвор, куќниот притвор се извршува во удобноста на домот, а во состојба на епидемија тоа е слично на самоизолација. Кон тоа, а по претходно мислење од државниот обвинител, јавните обвинители може да направат преглед на листите на притворени лица и од истите да направат приоритетни листи за заменување на мерката со полесна мерка. Тука секако приоритет треба да имаат лицата со нарушено здравје и стари лица.

Меѓутоа тука најголема активност и ажурност се бара од адвокатите, односно бранителите. Тука се гледа улогата и оправданоста на бранителот. Нивната професија заедно со правниот статус на Комората спаѓа меѓу јавниот и приватниот домен, тие секогаш мора да ги заштитуваат интересите на лицата кои ги застапуваат. Затоа е потребно самоиницијативно да бараат замена на мерката притвор со друга поблага мерка врз основа на ризик по јавното здравје. Во секој единечен случај тие се обврзани да бараат издржано образложение од судијата зошто одлуката за определување на мерката притвор на лицето не би можела да биде заменета со поблага мерка, имајќи го предвид јавното здравје. Не зборувам тука од оние Copy-Paste магловити и правно нејасни образложенија кои се најчести во притворската пракса за притвор, туку издражно решение, засновано врз фактите од случајот, опасноста за општеството и неопходноста на притворот.

Поради ограничувањето на правото на физичка посета во затворот на лицето во притвор со бранител, адвокатите мора да инсистираат на бесплатни повици или видео повици од причина на почитување на принципот на одбраната на лицето во притвор.

Правилата на Мендела и државна отштета

Намалувањето на затворската популација, исто така, покажува усогласеност со меѓународната практика на ООН. Правилата на Мандела (Mandela Rules) на Канцеларијата на ООН за сузбивање на дрога и криминал, наметнуваат должност на државата да се грижи за заштита на здравјето на затворениците, бидејќи кога некое лице е лишено од слобода, нема друга алтернатива освен да се потпре на властите да го заштитат неговото здравје.

Покрај тоа, со ова државата избегнува соочување со бројни тужби од страна на затворениците. Правните случаи како „Јарашонен против Турција“ и „Алимов против Турција“ покажуваат дека државата е виновна за прекршување на член 3 од Европската конвенција за човекови права (забрана за тортура, нечовечно или понижувачко постапување или казнување) кога не успева да обезбеди заштита од болести, хронична пренатрупаност, криминално ниво на чистота, слаби медицински интервенции и психолошки страв од инфицирање со вирусот. Намалувањето на оваа популација не само што го подобрува капацитетот на затворите да се справат со појава на коронавирус, исто така доприносуваат за почитување на човековото достоинство на затворениците од страна на државата и општата јавност. Доколку јавноста не е во можност да ја сфати таквата политика на државата спрема затвореници тогаш се соочуваме со епидемија на КОВИДиоти.

м-р Андреј Божиновски

Правен советник

InterServer Web Hosting and VPS