Министерот Чулев ги посети полициските службеници во Тетово

Тетово, 30 март – Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска оствари работна посета на СВР Тетово при што ги посети полициските службеници кои на повеќе пунктови преземаат активности за контрола на спроведување на мерките за ограничување на движењето, донесени од страна на Владата.

Од почетокот на спроведување до денес на подрачјето на СВР Тетово, вкупно 77 лица не ја почитувале мерката за ограничување на движењето.

Најголемиот дел, односно 72 од нив се лица на возраст од 18-67 години, четири се на возраст до 18 година и едно лице на возраст над 67 години. Во однос на мерките кои ги презема МВР, приведени се вкупно 61 лице, опоменати се шест лица, а за останатите лица земени се податоци и се преземаат дополнителни мерки. Во оваа насока до Основното јавно обвинителство до сега се поднесени 33 кривични пријави и две известувања. На територијата на СВР Тетово бројката на лица со решенија за изолација е 147 лица, додека бројот на лица со изјави за самоизолација е 670 лица. Во изминатиот период констатирани се четири прекршувања на изјавите за самоизолација при што поднесени се исто толкав број кривични пријави согласно член 206 од кривичниот законик.

Во изминатиот период на територијата на СВР Тетово, направени се вкупно 510 контроли на работата на угостителските објекти, при што утврдено е дека 11 од нив не ја почитуваат одлуката на Владата и за истите изготвени се соодветни поднесоци до Основното јавно обвинителство.

Во рамки на својата посета Чулев истакна дека полициските службеници се вистински чувар и заштитник на редот и мирот на државата, особено во период кога спроведувањето и почитувањето на одлуките и мерките на Владата значат пред се заштита на здравјето и животот на граѓаните. Во таа насока најпрво изрази благодарност до припадниците на Министерството за внатрешни работи, а потоа и до сите граѓани кои со одлуката да останат дома, донеле и уште една многу поважна одлука, а тоа е да се заштитат себе си и своите најблиски.

„Денес, повеќе од кога било е важно да веруваме во полициските службеници, да ги поддржуваме и да соработуваме со нив, затоа што тие се луѓето кои имаат тешка и одговорна задача. Тие имаат обврска со активностите кои ги преземаат да дадат личен придонес и да застанат исправени пред обврската која им е доверена, а тоа е да ја заштитат целата нација од невидливиот непријател со кој се бори државата, но и целиот свет. Јас како министер за внатрешни работи убеден сум дека тоа го прават со сето свое срце“, потенцираше Чулев.

InterServer Web Hosting and VPS