Уникатен Spyker C8 Laviolette оди на продажба

Spyker C8 Laviolette е еден од најуникатните суперавтомобили произведени во изминатиот век, а еден ваков редок примерок сега е ставен на продажба.

Spyker е мал производител на автомобили кој е базиран во Холандија, а името го доби според холандскиот производител на авиони кој ги затвори своите врати кон дваесеттите години на минатиот век. Нивниот модел Spyker C8 Laviolette со V8 мотор на Audi сега се најде на продажба.

Spyker C8 е понуден на аукцијата Bring A Trailer со што сега можете да дојдете во посед на овој уникат, доколку имате „вишок“ на парични средства. Компанијата е препородена во 2000 година со претставувањето на C8 Spyder концептот на саемот во Бирмингем. C8 Spyder беше рачно изработен суперавтомобил без покрив кој привлече огромно внимание со своите детали и V8 моторот на Audi кој го напојува. Spyker потоа во 2001 година го претстави моделот C8 Laviolette на кој му додаде стаклен покрив и алуминиумски всисувач на покривот, со што настана првото купе на оваа компанија.

Покрај ова, Spyker произведе и тркачка верзија на моделот C8 Laviolette наречена Double 12 R која учествуваше на трката 24 часа Ле Ман во 2003 година. Spyker се врати на Ле Ман во 2009 година со напредната верзија на C8 Laviolette GT2R кој го освои петтото место во GT класата, што беше огромен резултат за така мал производител на суперавтомобили.

Освен тркачкото наследство, Spyper C8 Laviolette претставува едно од најголемите ремек дела кога станува збор за автомобилите. Сите компоненти се рачно изработени и инспирирани од авијацијата, вклучтелно и целосно алуминиумската конструкција на моделот C8. Внатрешноста исто така е инспирирана од авионите, а тоа особено се однесува на инструмент таблата.

Аукцијата завршува за девет дена, а моменталната цена изнесува 125.000 долари, а автомобилот е произведен во 2007 година.

InterServer Web Hosting and VPS