Тачи предложи вонредна состојба во Косово, владата е против

Претседателот на Косово Хашим Тачи најави синоќа, на вонредна прес конференција, дека ќе му предложи на Собранието да донесе одлука за прогласување вонредна состојба во државата поради ситуацијата со ширењето на епидемијата на смртоносниот вирус Ковид-19, меѓутоа овој предлог веднаш беше отфрлен од владата на Албин Курти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, одлуката да се побара од Собранието прогласување вонредна состојба, според Тачи, е донесена на синоќешната седница на Советот за национална безбедност на Косово, која, на негово барање, ја свика претседателот на владата Албин Курти.

Косовскиот претседател изрази жалење што е доведен во ситуација, по прв пат во историјата на независно Косово, да прогласува вонредна состојба, но порача дека таквата мерка е за доброто на сите граѓани во државата.

– Се наоѓаме во околности кои не сме ги доживеале досега и како држава треба да ги преземеме уставните и законските обврски. Ќе бевме неодговорни доколку ја игнориравме горчливата реалност и не ги преземевме сите мерки како држава за превенција на една тешка ситуација за целото косовско општество. Ова не е сезонски грип, туку опасен и смртоносен вирус. Треба да се ангажираме сите со сиот потенцијал кој го имаме, порача Тачи.

Тој рече дека со Курти и другите членови на Советот за безбедност на Косово дошле до заеднички заклучок за потребата од прогласување вонредна остојба, меѓутоа, само триесетина минути по неговото обраќање на јавноста, вицепремиерот Хаки Абази им се обрати на новинарите со демант на тврдењата дека владата е согласна со воведувањето вонредна состојба.

Владата смета, рече Абази, дека мерката што ја предложи Тачи е „екстремна и непотребна“ и може да и нанесе штети на државата.

– Тоа што е предложено како вонредна состојба од страна на претседателот, владата го смета за екстремна и непотребна мерка, која може да им наштети на адекватните мерки кои ги презедоа владата и институциите на Косово, изјави Абази, оценувајќи дека Тачи, со таквите потези, може непотребно да предизвика паника кај граѓаните.

Потпретседателот на косовската Влада рече дека состојбата со коронавирусот се следи будно од институциите и нагласи дека Косово е прва земја во регионот која презеде мерки за справување со епидемијата, како што е затворањето на училиштата.

Доколку се укаже потреба, рече Абази, во иднина ќе се земе предвид и прогласување вонредна состојба, „но засега нема потреба од таа мерка“.

Во Косово, по вчерашните два нови потврдени случаи, се регистрирани вкупно 19 лица заразени од коронавирусот. Првите случаи беа регистрирани во петокот, на 13 март.

InterServer Web Hosting and VPS