Агенцијата за филм и Друштвото на филмски работници преземаат мерки за поддршка на слободните филмски работници

Спречувањето на ширењето на вирусот COVID 19  во моментов е најголем приоритет  и за филмските институции во нашата земја. Здравјето на нашите граѓани е најважната работа во овие тешки мигови. Но, пандемијата на Корона вирусот  и донесувањето на драстичните мерки за нејзино спречување силно удрија врз културниото живењее на глобално ниво.

Ударот секако е нанесен и врз македонската филмска индустрија која набрзо ќе се соочи со далекусежни последици за филмските уметници, креативци, филмски работници и целокупниот филмски сектор во земјава.

Во овие тешки моменти треба да се размислува и за ублажување на огромните последици кои ќе ги трпи филмската дејност. Ова е примарната причина за конструктивниот состанок кој се одржа денес помеѓу Министерот за култура, г. Хусни Исмаили, директорот на Агенцијата за филм г. Горјан Тозија и претседателот на Друштвото на филмски работници г. Игор Иванов.

На состанокот се дискутираше за предлог мерки кои би требало да се превземат како би се намалил ефектот кој е предизвикан поради превземените мерки на изолација кои директно влијаат на целата аудиовизуелна индустрија и резултираат со затворање на киносали и откажани или суспендирани снимања во земјата и низ цела Европа, особено поради фактот што оваа индустрија е составена главно од мали компании и технички хонорарни филмски работници  кои ја прават особено кревка во кризата со корона вирусот.

Во моментов, голем број на земји од Европа и светот се во фаза на превземање на мерки со цел да се овозможи опстанокот на аудиовизуелната индустрија во овие тешки моменти. Како општествено одговорни државни институции денеска порачуваме дека правиме напори и исчекори во некои други начини на креативно делување,поддршка и поврзување на авторите, филмските работници и публиката. Во овие моменти треба да се бодриме меѓусебе  и со голема радост да ги чекаме моментите кога вратите на културните институции, филмските сетови, кино салите,филмските фестивали повторно ќе бидат отворени и достапни за непосредна комуникација. Во меѓувреме, филмската уметност остнува да не крепи и здружува и во овие бурни времиња.

InterServer Web Hosting and VPS