Видовме тело, не фати паника и се јавивме на 192, сведочеше рибар во „Монструм“

Рибарот Зоран Велковски, кој сведочи на денешното рочиште за случајот „Монструм”, наведе дека критичната ноќ на 12 април 2012, заедно со другарите се упатил кон Смилковско Езеро, да ловат риба, но од осветлувањето на автомобилот на 40 метри виделе како лежи човечко тело.

„Видовме автомобил. Беше темно. Ние искоментиравме дека се рибари. Но, од кога го видовме телото не фати паника и се вративме по стариот пат до Љуботенски пат. Таму застанавме и се јавивме на 192, го пријавивме случајот. Полицијата ни кажа да останеме таму. Дојде полицаец во цивилна облека, мислам со автомобил „Опел Астра”. Ни кажа да го однесеме до местото. Кога се доближивме го упативме со рака до местото. Отиде и се врати. Ни кажа да останеме и да не мрдаме“, рече сведокот Велковски.

Дополнително сведокот додаде дека во меѓувреме таа вечер од другата страна на Смилковско Езеро, излегол автомобил „Голф 2″, црвена боја. Полицаецот, според сведокот Велковски, го легитимирал, но истакна дека не се сеќава колку луѓе биле во автомобилот.

Исто така, сведокот рече дека на 11 април, ден пред петкратното убиство, во Смилковското Езеро, било присутно едно возило Бе-Ем-Ве, сива боја.

„Не знам колку лица беа. Ни пријдоа, ни бараа леб. Видов дека немаат соодветната опрема за ловење риби. Ми беше сомнително и му кажав на другарот да станаме и да си одиме. Никој од присутните не беше од Бе-Ем-Ве“, истакна сведокот Велковски.

Во меѓувреме во судница беше присутен и сведокот Илија Смилевски од МВР, кој побара од Судот да упати барање до министерот, за да му дозволи да сведочи за овој настан. Тој наведе дека во тој период бил началник за чување од тероризам, односно сега е началник за истраги од тероризам. Сведокот Смилевски, е предвидено да сведочи на 24 март.

InterServer Web Hosting and VPS