Наследникот на Peugeot 108 ќе има електричен погон

Peugeot 108 е најмалиот модел на францускиот бренд, а се напојува со конвенционален мотор, но во новата генерација ќе пристигне со електричен погон.

Извршниот потпретседател на Peugeot Жан Филипе Императо неодамна изјави дека компанијата ќе продолжи да го продава моделот 108 со конвенционален мотор на внатрешно согорување, бидејќи продажбата на овој автомобил се уште е добра и нема потреба за прекин ни поради строгите регулативи за стандардите на емисија на штетни гасови.

„Одлучивме да го задржиме Peugeot 108 во нашата понуда. Овој модел има значителен успех бидејќи е важен. Во Велика Британија годишно продаваме 6.000 примероци. Ако еден ден имаме проблем околу емисијата на CO2, тогаш ќе донесеме поинаква одлука, но засега на пазарот постои побарување за овој автомобил“, изјави Императо.

Меѓутоа, самиот Императо признава дека тешко е да се замисли дека следната генерација нема да биде целосно електрична.„Ако пристигне денот за негов наследник, тогаш не гледам друго решение освен целосно електричен погон“, додаде тој.

Претходно се појавија информации дека наследникот на 108 би можел да ја добие платформата и електричниот погон на неодамна претставениот Fiat 500e, но евентуалната одлука за тоа ќе биде донесена дури по завршувањето на спојувањето меѓу компаниите FCA и PSA. Електричниот Fiat 500e има електромотор со 118 КС, литиум-јонска батерија со капацитет од 42 kWh што овозможува автономија од 320 километри.

Актуелната генерација на Peugeot 108 се појави во 2014 година, по што доби редизајн четири години подоцна. Под хаубата носи 1,0-литарски трицилиндричен VTi бензинец со 72 КС, а се произведува во фабриката во Чешка, заедно со своите конкуренти Citroen C1 и Toyota Aygo.

InterServer Web Hosting and VPS