Седум ученици од училишта во општина Карпош се во домашна изолација

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, извести дека на 3 март во основното училиште „Братство“ во Тафталиџе се одржало предавање за превенција од коронавирус, во две одделенија, од четврто и седмо одделение, од страна на докторка која е вработена на Клиниката за дерматологија. Во своја лична изјава докторката посочила дека пред одржување на предавањето во „Братство“, таа не била во директен контакт со директорката на Клиниката, Нина Цаца Биљановска, која е заболена од коронавирус.

Докторката е во изолација, како и нејзините две деца кои учат во „Братство“.

На ова предавање, рече Богоев, учествувале уште две други докторки од Клиниката за дерматологија, кои, сепак, како што тврдат, не биле во директен контакт со директорката, но се во домашна изолација.

Исто така, три ученици од основното училиште „Владо Тасевски“ во Козле се во домашна изолација, затоа што нивните родители биле дел од симпозиумот што се одржал во ресторанот „Рагуза“.

Во училиштето „Јан Амос Коменски“, исто така, двајца ученици се во изолација, затоа што нивни родители присуствувале на симпозиумот.

„Свесни сме за паниката што се шири во основните училишта и градинки, но сакам да апелирам на смиреност и следење на здравствените протоколи. Како Општина набавуваме и дополнителни средства за хигиена за сите основни училишта и градинки, а екипите се подготвени и за вонредна дезинфекција на сите основни училишта и градинки“, рече Богоев.

Претходно, при крајот на февруари Општина Карпош спроведе редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација на сите основни училишта и градинки, а вонредно се исчистени и кујните во основните училишта.

Тој кажа дека е формирана Комисија за следење на состојбата, превенција и справување со вирусот, при што на дневно нивно се следи присуството и отсуството на ученици и наставен кадар. Од досегашната ситуација, кажа Богоев, поголемо отсуство има во градинките, што е и очекувано за овој период од годината, а отсуството е значително помало по основните училишта.

Сите граѓани коа доаѓаат од ризични подрачја или имаат симптоми слични на коронавирусот, може да пријават на 071 – 289 – 614 и 078 – 387 – 194.

InterServer Web Hosting and VPS