Тројца италијански затвореници загинаа во немири поради коронавирусот

Тројца затвореници загинаа во немирите што избувнаа поради коронавирусот во затвор во Модена, Италија, во неделата попладне. Во Павија, пак, двајца затворски чувари биле земени како заложници и претепани за време на бунтот, при што им биле одземени клучевите и биле ослободени десетина затвореници, пренесува „Ла република“.

Италијанските затвореници се бесни поради ограничувањата на посетите поради новите правила во врска со коронавирусот, како и поради стравот од она што се случува надвор поради вирусот и стравот од евентуална зараза.

Протести се случија и во затворите во Салерно, Неапол, Фрозиноне, Верчели, Алесандрија, Палермо, Бари и во Фоџа.

Во Модена можеше да се види облак од густ црн чад како се крева од затворот, бидејќи затворениците подметнаа пожар во обид да избегаат, пренесува „Ил Ресто дел Карлино“. Пред неаполскиот затвор „Поџореале“, пак, роднините на затворениците го блокираа сообраќајот во знак на протест барајќи помилување, амнестија или куќен притвор за затворениците.Видео од инцидентот беше објавено на Твитер од страна на италијанскиот сенатор и поранешен вицепремиер Матео Салвини во неделата.

„Многу сериозна ситуација. Неопходно е да се контролира ситуацијата со давање овластување за итни случаи на командантите на одделот“, рече Салвини, кој ја предводи десничарската „Лига“.

Во меѓувреме, затворениците во затворот протестираа и подигнаа барикади, барајќи да се преземат мерки за да се спречи ризикот од зараза со коронавирусот. Двајца полицајци се здобиле со полесни повреди за време на инцидентот.

InterServer Web Hosting and VPS