Пендаровски: Подготвени сме за развој на соработката со Кипар

Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Кипар, Никос Христодулидес.

На средбата беа разменети мислења за можностите за соработка меѓу двете држави, по воспоставувањето на дипломатските односи во август 2019 година. Претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена за развој на соработката со Република Кипар во сите сфери од заемен интерес, вклучувајќи ја економската соработка, трговската размена и инвестициите. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување за скорешно дипломатско претставување меѓу двете држави на ниво на амбасадори.

Во однос на аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската Унија, претседателот Пендаровски го реафирмираше очекувањето дека наскоро ќе биде донесена новата методологија за водење на пристапните преговори и ќе биде одреден датум за почетокот на пристапните преговори за членство со Унијата. Таквата одлука, според претседателот Пендаровски, ќе даде значаен придонес во зајакнувањето на стабилноста и просперитетот на регионот, но и на самата Европска Унија.

Претседателот Пендаровски на средбата истакна дека државата продолжува да работи на исполнување на стратешките цели, како и на реализација на домашната реформска агенда. На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните состојби во регионот, вклучувајќи ја и заканата од нелегална миграција.

InterServer Web Hosting and VPS