Бајден се врати во трката по „супер вторникот“

Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден се врати во трката за кандидат на Демократската партија по низата победи во „супер вторник“.

Добар резултат забележа и сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, кој освои победа во неколку големи и богати држави на делегатите.

Според проекциите на американската агенција АП и американските телевизиски мрежи, Бајден во таканаречениот „супер вторник“ победи на изборите во Вирџинија, Северна Каролина, Алабама, Оклахома, Тенеси, Минесота, Арканзас и Масачусетс, додека мометалниот фаворит Берни Сандерс, е победник во трката во Калифорнија, која носи најголем број делегати (415), потоа во Вермонт, сојузната држава која ја застапува во Сенатот, Колорадо и Јута, објави „Гласот на Америка“.

Во двете држави – Тексас и Мејн се уште не се знае победник, бидејќи двајцата најголеми кандидати на Демократите се премногу блиску по освоени гласови, па се уште не може да се прогласи победник.

„Ова е добра ноќ и изгледа ќе биде подобра. Овој ден не го нарекуваат „супер вторник“ без причина“ рекол Бајден на митингот во Лос Анџелес. Резултатите покажуваат и дека поранешниот потпретседател на САД, на југот од земјата повторно има силна поддршка од афроамериканските гласачи, кои му овозможија убедлива победа минатата сабота во Јужна Каролина.

Сандерс пак, пред приврзаниците во Вермонт порача дека е апсолутно убеден дека ќе ја освои претседателската номинација.

„Ќе го поразиме најопасниот претседател во историјата на САД“ порача Сандерс.

На гласачките листови за првпат се најде и милијардерот и градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, кој освен победа на кокусите на територијата на Американска Самоа, оствари и добри резултати на изборите.

Блумберг во својата кампања вложи над 500 милиони долари.

InterServer Web Hosting and VPS