Заев му се израдувал на извештајот на Европската комисија: Потврда дека сме на европскиот пат

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека се израдувал на извештајот на Европската комисија, во кој се оценува дека земјава остварила значаен напредок во сите области и му препорачува на Советот да донесе позитивна одлука.

„За мене тоа е потврда дека нашиот народ, Парламентот, Владата ги завршиле своите обврски. Тоа што зависи од нас е завршено и самиот извештај потврдува дека испративме сериозна порака оти продолжуваме на европскиот пат. Веројатно се мисли на Законот за јавно обвинителство и на останатите реформи кои што беа процесуирани преку законите за реформи во јавната администрација, продолжија со доекипирањето на АНБ, на ОТА, на безбедносните служби, а веќе во Парламентот е законот за промена на Агенцијата за разузнавање“, рече Заев. одговарајќи на новинарско прашање.

Тој притоа го посочи и сериозното работење на Антикорупциска комисија, како и дека борбата против корупцијата и криминалот продолжува со посветено темпо.

„Извештајот денеска е верификуван од страна на Европската комисија и ќе биде проследен до земјите членки од каде што очекуваме Европскиот совет да носи позитивни одлуки. За мене е важно тоа што беше до нас да го завршиме и го завршивме. Тоа е потврдено и во јуни и во октомври, а сега дополнително е и верификувано дека продолжуваме и покрај историската грешка што ѝ беше напарвена на Република Северна Македонија на октомврскиот самит на Европскиот совет“, рече Заев.

Тој им порача на европските граѓани, на нивните лидери, како и на Европската комисија која, како што рече, веќе ја заврши работата, да го исполнат своето ветување.

„Уште еднаш напоменувам. Ние не очекуваме веднаш членство, ние очекуваме после 15 години одлука за добивање датум за почеток на преговорите и отворање на претпристапните поглавја, каде преку вистински реформи и трансформации ќе можеме да ги користиме и огромните европски фондови кои ќе го кренат економскиот стандард кај нашиот народ“, истакна Заев.

Сепак, тој не сакаше да коментира кога очекува одлука.

„Тоа што го вети Европскиот совет беше не подоцна од мај пред европскиот самит за Западен Балкан во Загреб, што ќе се одржи на 7-8 мај. Ние ќе чекаме кога ќе бидат готови да ја донесат одлуката. Се надевам дека ќе го израдуваат нашиот народ што поскоро, а ние продолжуваме да работиме“, рече Заев.

Тој уште најави дека следниот викенд ќе се знае распоредот на листите на СДСМ и коалициските партнери за изборите на 12 април, како и дека во партијата работи комисија од меѓународни и домашни експерти за селекција на кандидатите.

„СДСМ работи на оценка и анализи, а во моментов работи и комисија од меѓународни и домашни експерти дополнета со претставници на политичкото раководство на СДСМ за квалитетна селекција на кандидатите кои треба да бидат репрезенти на локалните заедници. Ние се уште немаме потврдено со сите партнери дека имаме коалиција. Идниот понеделник треба да утврдиме кои се коалициски партнери и кои се местата кои ќе ги добијат и кои се кандидатите на СДСМ што бидат на листите“, рече Заев.

Според него, кандидатите треба да се достоинствени репрезенти на народот и дека не е важно дали доаѓаат од СДСМ, Беса, НСДП, ДОМ ПЦЕР, или од партиите на Бошњаците, Власите Турците…

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев говореше и за употребата на јазиците и за различното толкување на законот од негова и од страна на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

„Во општините каде што припадниците на албанска заедница се повеќе од 20 отсто постојат двојазични табли на државните институции, а таму каде што не се, не постојат такви табли“, изјави тој.

Според него, она што го предвидува овој Закон е употребата на јазикот заради практичната потреба, не за изнасилување на една заедница врз друга, туку за меѓусебно почитување на правото на употребата на мајчиниот јазик.

„Верувам дека ќе се случуваат и табли на турски јазик во Гостивар, каде што имаме голема турска заедница или на српски јазик во Куманово или во Старо Нагоричане или во Чучер Сандево итн. Ги земам како примери затоа што рековме јазикот е право. На крајот јазикот е нешто што ни треба за да се разбереме“, нагласи Заев.

InterServer Web Hosting and VPS