Продолжува препораката за јавните собири, откажани голем број настани

Неделава продолжува препораката за откажување на поголеми јавни собири поради превенција од коронавирусот, што ќе трае до 6 март. Викендов откажани беа Струмичкиот карневал и карневалот „Прочка“ во Прилеп“. Откажани се и голем број културни настани, меѓу кои и театарските претстави во МНТ и Театарот Комедија.

Владата минатата недела им препорача и на организаторите на спортските настани натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика.

Препорачано е сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести. Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да продолжи да ги известува Владата, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и Кризниот штаб, за епидемиoлошката состојба со коронавирусот, за да се планираат идните чекори во превенцијата и справувањето со ситуацијата.

На седница, Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.

Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб.

Како еден од заклучоците е и одлуката да се воспостави соработка со Црвен крст и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.

InterServer Web Hosting and VPS