СДСМ: Мицкоски маршира по налог на Груевски, најголема болка му е законот за ЈО

Мицкоски по налог на Груевски маршира против правдата, реагира СДСМ по денешниот марш на ВМРО-ДПМНЕ, каде што обраќање имаше и партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски по налог од Будимпешта, вечерва марширале за правдата да не ги стигне нивниот шеф Груевски и сите нивни функционери, кои чекаат одговорност за сторените криминали.

„Извршителот Мицкоски вечерва призна – најголема негова болка е законот за Јавното обвинителство, кој обезбедува продолжување на сите предмети, кој е темел за градење силно и независно судство и Обвинителство. Кога не му успеаја блокадите, деструкциите и заканите во Собранието, Мицкоски вечерва маршира за неправда, против одговорност и против независно судство и како во годините на режимот, се закануваа кон судии, обвинители, новинари и медиуми.

Маршира Мицкоски, а зад него старите верни послушници и кочничари на европската иднина на државата, кочничари и уништувачи на правдата!

Борбата за амнестија на нивниот криминал не може да биде и не е борба за правда, а стечајниот управник Мицкоски нуди само правда во стечај.

Мицкоски, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не може да се борат за правда. Не може да носат правда тие што носат неправда, тие што се бегалци од правдата, тие што се заглавени во криминал и корупција.

ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е водена од обвинетите Антонио Милошоски, Илија Димовски, Игор Јанушев и нивните шефови Груевски и Мицкоски.

Тие ќе одговараат пред правдата. Тие се симбол на неправда и криминал.

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ може да протестираат против правдата, но криминалот на својот шеф Груевски и своите пајташи нема да го одбрани. Ќе има одговорност за сите криминали и незаконски постапки“, наведува СДСМ во реакцијата.

InterServer Web Hosting and VPS