Citroen со тизер најавува електричен автомобил достапен за сите

Електричните автомобили земаат се поголем замав и застапеност на пазарот, но сепак најголемиот проблем со нив е нивната цена, а се чини Citroen е решен да го исправи тоа.

Тоа може да се заклучи според новото, второ тизер видео со кое Citroen го привлече вниманието за својот новитет чија премиера е закажана за 27 февруари. Во краткото видео на Citroen се напоменува: „За 100 години Citroen направи достапен автомобил. Во 2020 година Citroen ќе направи електричен автомобил достапен за сите“.

Со оглед на тоа дека Citroen го прескокнува саемот во Женева, терминот за премиерата на својот нов автомобил е поместен неколку дена порано, па истата е закажана за 27 февруари. Засега малку детали се познати и видени, па освен осветленото лого и целосно затворената решетка, може да се спомене дека според видеото забележлива е трага од концептот Ami One, но сега конкретизирана во облик на класичен автомобил, иако тоа се уште е во вид на шпекулации. Исто така може да се забележат кружни предни светла и нагласени предни браници.

Иако автомобилот, по она што може да се забележи, воопшто не наликува на некој модел од линијата на Citroen, како што напоменавме, има доста сличности со Ami One концептот. Станува збор за компактен двосед кој е најавен како електрично решение за урбана мобилност. Перформансните спецификации не се многу импресивни, но концептот имаше автономија од 100 километри и максимална брзина од 45 километри на час. Ami One може да се наполни за два часа, а зависно од локалните закони, истиот може да се управува и без возачка дозвола.

Според ова, изгледа дека Citroen сака да направи електричен конкурент на Smart ForTwo, но ќе мораме да се стрпиме уште малку за да ги дознаеме сите детали за новитетот на француската компанија.

ВИДЕО

InterServer Web Hosting and VPS